Во ЕУ годишно се трошат 24 милијарди евра за дрога

Државјаните на Европската унија секоја година трошат околу 24 милијарди евра на нелегални дроги, што значи дека трговијата со дрога е една од најпрофитабилните активности на организираните криминални групи, се наведува во денеска објавениот извештај на Европскиот центар за надзор на дрогите и зависностите од дрога (EMCDDA).

Во извештајот се наведува дека појавата на нови технологии, како шифрираните мрежи и дигиталните валути, го отворија пазарот за снабдување со дрога преку Интернет, пренесуваат британските медиуми.

Бидејќи е постигнат технолошки напредок, организираните криминални групи трагаат по нови патишта за криумчарење на дрогите во Европа, се додава во извештајот, во кој се истакнува дека е зголем шверцот на хероин преку јужен Кавказ.

Директорот на Европол, Роб Ванрајт, оценува дека соработката меѓу државите членки на ЕУ е неопходна за да се реши проблемот, бидејќи истакнува тој, криминалните мрежи вмешани во трговијата со дрога често пати делуваат и во други криминални области.

-Усогласената прекугранична соработка во примена на законите е клучна за намалувањето на нивниот обем и влијание, наведе Ванрајт