ИД во 2014 година создала фабрика за подготовка на самоубијци во Европа

Групата Исламска држава во 2014 година во Европа создала „фабрика“ за подготовка на атентатори-самоубијци за изведување терористички напади, пишува весникот „Њујорк тајмс“, цитиран од ТАСС.

Активното врбување муслимани од земјите на ЕУ почнало уште пред тоа – во 2012-2013 година. Весникот се повикува на протоколи од распити на осомничени, записи од пресретнати телефонски разговори и електронски писма и судски предмети во Европа.

„Сега официјалните лица зборуваат дека знаците дека во Европа се формира ваквата терористичка машина биле видливи уште на почетокот на 2014 година. Но, и покрај тоа, властите на одредени места повеќепати ја омаловажувале значајноста на последниот успешен заговор, оценувајќи го како поединечен изолиран случај. При тоа јавната врска со ИД или не била забележувана или не била сметана за нешто сериозно, пишува весникот.

„Тоа е суштинска фабрика. Тие прават се што е можно за да изведат напад во Франција или на некое друго место во Европа“, го цитира весникот извадокот од распитот на 29-годишниот компјутерски експерт од Париз, Реди Хаме. Тој и уште 21 член на ИД биле приведени во Париз во август минатата година под сомнение дека се обиделе да извршат атентат. Хаме ја минал забрзаната подготовка, а неговиот човек за врска бил Абдулхамид Абауд, еден од организаторите на атентатите во Париз од 13 ноември.