Грчката Влада ќе постави звучници на границата со Македонија

Објавено: вторник, 29 март 2016 во 09:09
Spread the love

Грчката Влада соопшти дека ќе постави звучници на границата со Македонија со цел да ги убедува илјадниците бегалци и мигранти, кои се наоѓаат таму да ги игнорираат гласините дека балканската маршрута кон Централна Европа повторно ќе биде отворена, пренесува БТА.

Над 15 илјади лица или една третина од сите блокирани мигранти во Грција, одбиваат да се преместат во центрите кои ги подготвила Владата и стојат на границата со Македонија и на пристаништето Пиреја, во близина на Атина.

Портпаролот на Канцеларијата за координирање на миграциската политика Јоргос Кирицис изјави дека властите се мачат да се изборат со лажните гласини на социјалните мрежи дека границите повторно можат да бидат отворени.

– Луѓето, кои се под тензија и живеат во тешки услови добиваат лажни соопштенија…кога луѓето се очајни гласините се шират како шумски пожар, рече Кирицис за државната телевизија.

– Ние испраќаме тимови преведувачи на границата и ќе бидат поставени звучници, преку кои ќе се објавуваат јавни соопштенија, додаде тој.