Муслиман ги пријавил терористите во Брисел и спасил многу животи

Таксистот во Брисел што ги возел напаѓачите до аеродромот е еден од хероите што веројатно спречиле нови напади или барем ја забрзале полициската истрага, вели Индипендент.

Тој, всушност, ги качил самоубијците, кои во таксито разговарале слободно. Еден од нив луто зборувал за она што тие го гледаат како американска агресија против исламот.

Иако досега не се знаеше ништо за таксистот, Индипендент открива дека тој е муслиман со мароканско потекло. Терористите зад себе оставиле уште две други експлозивни направи што требало да ги активираат нивните поддржувачи, а токму со помош на дојавата на возачот полицијата открила каде се наоѓаат и со тоа веројатно спречила ново крвопролевање.

Тројцата терористи го повикале таксистот да ги собере пред зграда во населбата Схарбек во северен Брисел и побарале да ги однесе до аеродромот. Се симнале со пет куфери, а на возачот не му дале да ги допре при влегувањето во таксито. Освен тоа, во црната шкода можело да се сместат само три куфери, па луѓето по кратка дискусија одлучиле двата останати куфери да ги вратат во стан на петтиот кат.

Откако ги однел тројцата мажи на аеродромот, тој собрал нов патник. Наскоро на вестите видел снимка од нападот, како и осомничените, па за сè ја информирал полицијата.

Заради безбедноста на своето семејство, сопруга и мало дете, возачот одлучил да остане анонимен.

Ѝ кажал на полицијата каде се наоѓа станот

Полицијата благодарение на возачот лесно го нашла станот, а во него нашле знаме на ИСИС, детонатори и 15 килограми експлозив, сличен на оној што бил користен во нападите во Париз.

Надвор, во канта за ѓубре, беше најден и лаптоп, кој на инспекторите им помогна да го разберат однесувањето и психата на сторителите.

„Не знам што да правам, брзам, секогаш ме претресуваат, никаде не е безбедно, може да завршам во затвор во ќелија до неговата“, напишал Брахим ел-Бакруи.

Се верува дека зборот „неговата“ во пораката се однесува на Салах Абдеслам, кој беше фатен во Моленбек минатиот петок.

„На овие зли луѓе мора да им се спротивставиме заедно“

Кога пристигнала полицијата, им рекла на жителите во зградите околу станот во Схарбек да се евакуираат, додека да бидат демонтирани бомбите.

„Полицијата ни кажа дека зградата ќе се урне ако експлодира бомбата. Сите мора веднаш да заминеме, рекоа тие. Добро е тоа што таксистот толку брзо ја информирал полицијата за местото, инаку можеше да дојде до катастрофа“, вели Рагхеб Масри, еден од соседите.

Пријател на таксистот што ги возел терористите, кој исто така е муслиман со мароканско потекло, за Индипендент рекол: „Полицијата долго зборуваше со него и го замолија да биде претпазлив, ова се многу опасни времиња.“

„Се разбира, другар ми ги даде клучните информации и веројатно спаси многу животи. Некои луѓе, како оној Доналд Трамп во Америка, велат дека муслиманите не даваат информации за терористите. Тоа воопшто не е вистина“, рекол пријателот на возачот.

„Ние сакаме да ја заштитиме заедницата исто како и секој друг. Ние не сакаме нашите семејства да бидат убивани и ранувани со бомби, ниту пак ничии други семејства. Знаеме дека на овие зли луѓе мора да им се спротивставиме заедно.“

Преведено: MKD.MK