Експлозија и во метро станица во Брисел – 90 самоубијци се подготвуваат да извршат напади во Европа

По експлозиите на аеродромот „Завентем“, претпладнево се случи уште една експлозија во метро станицата Малбек во белгискиот главен град, во близина на институциите на ЕУ, јави белгиската телевизија РТБФ. По терористичкиот напад во цела Европа владее страв,  на што допринесува и информацијата дека повеќе од 90 бомбаш-самоубијци се подготвуваат да извршат напади во најголемите градови во Европа, пишува во интерен извештај на француската полиција.

Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, засега официјално е потврдено дека при експлозијта на Малбек е повредено едно лице.

Претходно, утринава во 08:00 часот одекнаа две експлозии на меѓународниот аеродромот „Завентем“ во Брисел, во кои, според РТБФ, која се повикува на болнички извори, има најмалку 10 загинати и 30 повредени, јави бриселската телевизија.

Западни медиуми јавија дека пред експлозиите на аеродромот се слушнале истрели од огнено оружје и повици на арапски јазик.

Поради двете експлозии аеродромот, како и железничката станица во во него, се затворени. Ова е втор случај поради кој нивото на закана од терористички напади во Белгија е подигнато на максимален „четврти степен“.

Протипожарната единица на главниот град на Белгија ја потврди експлозијата што се случи утринава на аеродромот, како и на метро станицата на улицата Арт-Лоа, каде се наоѓаат и македонската амбасада во Белгија и македонската Мисија при Европската унија.

Бомбата на „Завентем“, според неофицијални информации, одекнала во подземната железничка станица под аеродромот, предизвикувајќи сериозна материјална штета на предниот дел на аеродромската зграда, кај влезот наспроти хотелот „Шератон“.

Очевидци на настанот изјавија дека неколку луѓе лежат повредени на тротоарот пред влезот на меѓународниот аеродром. Сите приоди и излезни патишта кон бриселскиот аеродром се затворени, а полицијата детално го претресува секој автомобил и сомнителни лица.

Според белгиската националната франкофонска телевизија РТБФ, евакуирани се сите лица и патници, а затворена е и железничката станица на „Завентем“.

Затворени се и аеродромите Антверпен, Остенд-Бриж и Кортрејк во фламанската провинција на Белгија, а не сообраќа ниту метрото во Брисел. Сите летови се пренасочуваат кон јужниот бриселски аеродром во градчето Шарлроа.

Истовремено во интерен извештај на француската полиција пишува дека повеќе од 90 бомбаш-самоубијци се подготвуваат да извршат напади во најголемите градови во Европ.

Во документот се наведува дека терористите напредуваат во техниките за шифрирање и правење експлозивни направи за да ги остварат своите цели.

Извештајот има 55 страни, а изработен е ексклузивно за Mинистерството за внатрешни работи на Франција. Во него увид имале новинари на „Њујорк тајмс“.

Во извештајот се наведуваат прецизни планови на џихадистите откриени по нападите во Париз, кои вклучуваат прецизно шифрирање, ангажирање на специјалисти за фалсификување документи и префрлување на експерти за составување експлозив од Сирија во Европа.

Бомбите што ги користат терористите се лесни за правење. Траги од истиот експлозив се најдени на секое место кое е нападнато во Париз. Користен е експлозив од типот ТАТП, кој може да се направи од материјали што се користат во секојдневниот живот, како што се ацетон или средства за белење алишта. Кога таквите состојки ќе се помешаат стануваат многу нестабилни, а тој што се занимава со тоа, знае што прави, се наведува во извештајот.

Исто така, се додава дека слабата контрола на границата им дозволува на терористите слободно да се шетаат ширум Европа без предизвикување на сомнеж, а од рака им оди и лошата комуникација на безбедносните служби на земјите од ЕУ.