Алтернатива за Германија бара забрана на минариња и бурки

Германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД), која со својата антиимигрантска политика постигна голем успех на изборите во три покраини минатата недела, предлага нови политики што имаат за цел да ги спречат исламските обичаи во Германија. 

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, меѓу мерките што ги предлага АФД во својата програма се и забрани за изградба на минариња на џамиите, за носење на бурки во јавност и за вршење сунет кај муслиманското и еврејското население.

Една од лидерите на АФД, Беатрикс фон Сторч, во изјава за британските медиуми вели дека нејзината партија е единствената која сака да ги реши проблемите на луѓето.

– Ние се обидуваме да ги решаваме проблемите кои ги погодуваат луѓето: мигрантите, внатрешната безбедност, исламот…. ние сме единствените што сакаат да го запрат ова. вели Фон Сторч, која е еден од авторите на програмата на АФД.

– Мораме ли да се откажеме од нашата култура затоа што луѓе од други култури доаѓаат во Германија. Јас мислам не, ние мислиме не, вели членот на највисокото раководство на партијата, која ја шокираше германската јавност пред се владејачките партии со освоената двоцифрена процентуална поддршка во сите три покраини каде што се одржаа изборите.

Само во Саксонија-Анхалт, партијата која е формирана пред три години, освои 24 отсто од гласовите и стана втора политичка сила. Речиси е извесно дека на изборите за федералниот Парламент, што треба да се одржат во втората половина на 2017 година, АФД ќе освои над 5 отсто од гласовите и ќе стане дел од Бундестагот.