ЕУ и Турција постигнаа договор за мигранската криза

Европската унија и Турција денеска постигнаа договор за надминување на мигрантската криза, со кој треба да запре приливот на бегалци преку Егејското Море и од недела сите нови мигранти што ќе пристигнуваат во Грција од Турција ќе бидат враќани назад, јави ДПА.

Постигнувањето на спогодбата го потврди претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој на својот налог на Твитер објави дека по дводневни преговори во Брисел, постигнат е „едногласен договор“ меѓу лидерите на сите 28 земји членки на ЕУ и турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Давутоглу од своја страна изјави дека ЕУ и Турција постигнале историски договор со која заеднички ќе им помагаат на бегалците.

– Денес е историски ден бидејќи постигнавме важен договор. Ние и ЕУ имаме заедничка иднина и имаме исти ставови за сириското прашање и за проблемот на бегалците, рече Давутоглу.

Како што јави ТАСС, Давутоглу нагласи дека „на дневен ред останува прашањето за исплата на дополнители три милијарди евра за Турција. – Тие пари не да ги потрошеме за нас, туку за потребите на бегалците, рече Давутоглу.

Тој најави и дека ЕУ се согласила од Турција да преземе онолку сириски бегалци, колку што ќе врати илегални имигранти на турска територија.

Литванската претседателка Далија Грибаускаите соопшти дека новиот договор меѓу ЕУ и Турција за мигрантската криза ќе стапи во сила в недела, кога првите мигранти би требало да бидат вратени од Грција во Турција. – Тестот за спроведувањето (на договорот) почнува в недела, напиша Грибаускаите на Твитер.

Естонскиот премиер Тави Тоивас пак оцени дека сите страни мора да придонесат за спроведување на договореното, додека неговиот чешки колега Бохуслав Соботка инфромира дека ЕУ и Турција постигнаа историски договор за ублажување на мигрантската криза и за давање отстапки на Анкара за подобри врски со Унијата.

Лидерите на ЕУ претходно денеска го поддржаа новиот нацрт-договор со Анкара, кој им го презентираше Туск и по што остана уште негово конечно одбрување од страна на турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Новиот договор претставува рамка за веќе постигнатата спогодба меѓу Унијата и Турција на неформалниот самит одржан во Брисел на 7-ми овој месец.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ревидираниот текст на договорот како главна поента предвидува од 20 март да почне процес на враќање на мигрантите кои доаѓаат во Грција од Турција.

Исто така, договорот предвидува забрзување на исплатата на првата транша од трите милијарди евра, што ЕУ и ги вети на Анкара минатата година, како и отворање на едно ново поглавје, она за буџетот, во рамки на пристапните преговори за членство на Турција во ЕУ.

Договорот има за цел да се вратат десетици илјади мигранти од Грција во Турција, а предвидува и исплата на дополнителни три милијарди евра помош за Анкара од Брисел и забрзување на преговорите за членство на државата во Европската унија, како и визна либерализација за турските граѓани при патувањето во ЕУ од јуни оваа година.

Сепак, во делот на укинувањето на визите за патување на Турците во некоја од 28-те земји членки на Унијата, се предвидува до крајот на идниот месец Турција да ги исполни 72-те барања што и ги постави Европската комисија. Доколку Анкара успее во тоа, тогаш од крајот на јуни турските граѓани ќе можат слободно да патуваат во Европската унија.

Во врска со доставените барање од Брисел, Давутоглу изјави дека Турција досега исполнила 37 од нив и дека остануваат уште 35, кои очекува да бидат исполнети до почетокот на мај.