Русија го зафркна Западот

Секоја голема сила си има свои ритуали и негува инсценации. Оттука, руската варијанта на „мисија исполнета“ дојде неспектакуларно. Рускиот претседател ги повика во својот кабинет министрите за одбрана и за надворешни работи и во амбиент на најголема можна попатност објави крај на воздушните напади во Сирија, поради тоа што воените цели таму се во најголем дел исполнети. Штурата изјава од Москва ширум светот е прифатена како средно голема сензација, пишува Дојче веле.

Русија се замеша во сириската граѓанска војна за да се бори против исламистичките терористи. Но, тоа беше само дел од вистината. Русија, сепак имаше поширока скриена агенда. На почетокот руските воени бомбардери се бореа против оние милиции кои добиваа алиментација од Западот во својот бунт против Асад. Со оглед на тоа што оваа сириска војна е и војна преку посредници, Русија во Сирија на тој начин се бореше против САД и нивните сојузници.

Сѐ што е важно останува на лице место

Исламистите од т.н. Исламска држава сѐ уште не се поразени. Тука Русија мора и сака да направи уште по нешто. Откако САД и Русија со недели си префрлаа дека намерно не прават или ништо, или прават погрешни работи во борбата против ИД, сега се чини како првпат заеднички да ги планираат постапките. Русија, во секој случај, и по делумното повлекување од Сирија таму ќе остави доволно воена опрема за да биде дел од ваква една акција.

Штета што за зборот повлекување нема деминутив, зашто ако попрецизно се погледне, ова е токму тоа: ултралајт верзија на воено повлекување. Во Русија ќе се вратат воените бомбардери, пилотите и копнениот персонал. Сирија за руската воена индустрија беше како гигантска шоу-сала, таму прват во акција беа употребени нови летала. Но, мисијата беше скапа. Русија мора да го одржи „домаќинството“, земјата е изглодана од длабоката економска криза и санкциите на Западот поради нејзината агресивна политика кон Украина.

Буџетот за одбрана наредната година би можел да биде скратен за пет проценти, највисокиот по функција руски воен менаџер дури смета со 10 проценти помалку налози од московското Министерство за одбрана. И оваа стварност треба да се земе предвид кога се гледа на изненадувачката одлука на Путин за прекин на воздушните напади. Русија со тоа штеди многу пари, а стратешки не губи ништо.Зашто, Русија воено се зацврсти во Сирија, ескалација на нејзините постапки е можна во секое време. Руското пристаниште во Сирија и скапата воздухопловна база, како и персоналот за нивна заштита – сето тоа останува таму каде што е.

Русија очигледно крена раце од Асад

Владата на Асад преживеа само поради тоа што руската армија пред шест месеци им притекна на помош на притиснатите сириски воени сили. Сега режимот во Дамаск е и политички целосно во руски раце. Има гласини кои тврдат дека Москва и Дамаск се во „развод“. Во прилог на тоа зборува изјавата на портпарол на Кремљ дека при советувањата околу повлекувањето на трупите не играла улога политичката иднина на претседателот Асад. Или, јасно речено: Кремљ веќе не се интересира за Асад, откако со месеци изигруваше заштитник на наводно, ах, толку легитимниот насилнички владетел.

Со ваквите политички маневри, Русија на мировните преговори во Женева добива истакната преговарачка позиција. Политички токму тоа и беше планирано: преку интервенција во Сирија повторно да се стане глобален со-играч на исто ниво со другите. Во моментов ретко кој зборува за состојбата во источна Украина, за тешката улога на Русија, за т.н. „Процес од Минск“. А анексијата на Крим пред две години? Тоа ќе стане тема за експертите по меѓународно право. Колатерална штета на рускиот ангажман во Сирија, која и тоа како му одговара на Путин.

Извор: Дојче веле