Исповед на шпион: ЦИА од 2013 знаеше сѐ, но го игнорираше подемот на Исламска држава

Шефот на шпионската служба на Слободната сириска армија за весникот Ле Монд изјави дека неговите луѓе собирале информации за Исламска држава во самата терористичка организација, но дека ЦИА ги игнорирала тие сознанија.

Водачот на шпионите на групата која се бори против режимот на Башар Ал Асад, познат како „М“, во ексклузивното интервју за францускиот весник кажа дека две години испраќал „многу детални“ извештаи за Исламска држава, која во голема мера можеле да помогнат во сопирањето на терористичката организација.

Шпионите на Слободната сириска армија на Американците им дале клучни информации кои упатувале на ширењето на ИСИС кон Ирак и Сирија, вклучувајќи ГПС координати, мапи, фотографии, телефонски броеви па дури и ИП адреси, тврди „М“.

„Од моментот кога Даеш (ИСИС) имаше 20 членови, до моментот кога станаа 20.000, им покажувавме сѐ на Американците. Кога ги прашавме што ќе прават со тие информации, тие секогаш даваа празни одговори, кажувајќи ни дека тоа ќе го решат оние што ги носат одлуките“, објаснува во интервјуто агентот „М“