Српски политичар иницира создавање „балканска унија на неутрални држави“

Лидерот на Српската народна партија (СНП), Ненад Поповиќ престојува во Москва каде со потпретседателот на руската Дума, Сергеј Железњак го разгледува прашањето за формирање на „потенцијална балканска унија на воено неутрални држави“, јави Танјуг.

Железањак и Поповиќ оцениле дека формирањето на таквата унија би претставувало „адекватна алтернатива на агресивното проширување на НАТО“, бидејќи, според нив, мнозинството на граѓаните во сите републики од поранешна СФРЈ, кои не се членки на пактот, се „против   челнството на нивните држави во Алијансата“.

Поповиќ истакнал дека што се однесува до Србија, правната основа за оваа идеја е во резолуцијата на српското Собрание за воена неутралност на земјата и „во фактот дека 90 отсто од српските граѓани се против зачленување на Србија во НАТО“.

Српската народна партија (СНП) е формирана во декември 2014 година од група поранешни членови на Демократската партија на Србија (ДСС) на Воислав Коштуница. На претстојните парламентарни избори во Србија на 24 април, СНП ќе настапи како дел од коалицијата „Србија победува“, предводена од Српската напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ.