Илјадници десничари излегоа на улица да протестираат против Меркел (ВИДЕО)

Околу 3.000 демонстранти со германски знамиња и транспаренти учествуваа на демонстрациите против политиката на германската влада за миграцијата. Луѓето се собраа на Вашингтонплац во близина на главната железничка станица во главниот град, а потоа тргнаа кон Бранденбуршката порта.

Настанот беше организиран од групата наречена „Ние за Берлин & ние за Германија“, чија главна цел е да ги принуди Меркел и нејзината влада да се повлечат. Меѓу другите барања, групата сака да ѝ се стави крај на „диктатурата“ на ЕУ и бара построги гранични контроли, тврдејќи дека тие се против радикализмот „било верски, било политички мотивиран“.

Германските гласачи денеска гласаат на регионалните избори во три држави, кои се сметаат за тест на политиката на Меркел за поддршка на бегалците.

Се очекува дека поради гневот кај Германците во врска со т.н. „политика на отворени врати“ на изборите ќе профитира антиимигрантската Алтернатива за Германија (АфД).

На прашањето како се подготвува за денешната „супернедела“, кога се одржуваат избори во провинциите Баден-Виртемберг, Саксонија-Анхалт и Рајнска област-Пфалц, Меркел вчера изјави: „Стискам палци“.

Предизборните анкети покажаа дека конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Меркел ќе остане на власт во Саксонија-Анхалт, во источниот дел на земјата.

На ЦДУ, сепак, ѝ се заканува пораз од Партијата на зелените во Баден-Виртемберг во западниот дел на земјата, каде што владејачката партија има најмногу места во Парламентот.

Конечно, резултатите од изборите се мошне неизвесни во покраината Рајнска област-Пфалц, каде што ЦДУ на последните избори во последен момент заврши на второто место.

Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел вчера изјави дека зајакнувањето на АфД нема да го промени ставот на неговата влада кон миграцијата.

„Ставот што го застапуваме е јасен: тоа се хуманоста и солидарноста. Нема да ја промениме нашата позиција“, рече Габриел.