„Грозно е да се гледа како ЕУ му се поклонува на Ердоган“

Сцената на европските лидери кои ниско му се поклонуваат на претседателот на Турција среде Брисел е грозна, пишуваколумнистот на британски Гардијан Пол Мејсон.

ЕУ бара помош во решавањето на емигрантската криза од земја во која растат деспотизмот и цензурата. Турција води војна против етничките малцинства, полициските специјални единици ги напаѓаат канцелариите на опозицискиот весник Заман, нејзините тајни служби се обвинето за испраќање оружје на Исламска држава, нејзините војници соборуваат руски авиони – без оглед на сето тоа Анкара очекува да стане членка на ЕУ, истакнува коментаторот на Гардијан.

Глетката на европските лидери како се виткаат пред турскиот претседател, со надеж дека ќе го сопре приливот на бегалци во Грција, е одвратна. Откако турските судови ја одобрија полициската акција да се забрани весникот Заман, тепајќи ги новинарите и фрлајќи им солзавец на демонстрантите, новите шефови веднаш ставија фотографија од насмеаниот Ердоган на насловната страница. А тој има зошто да се смее.

Поддршката на масите за Ердоган во Турција е реална. Пред само три години се чинеше дека Реџеп Таип Ердоган успеа да направи рамнотежа во земјата. Можеше да се претпостави дека прогресивниот и реакционерниот дел од општеството ќе имаат мирен соживот, оставајќи се едни други на мира, дека Курдите наместо бунтовничка борба ќе заземат позиции во парламентарната опозиција, а самиот Ердоган ќе ја поведе земјата кон ЕУ, но прилично бавно за очигледните недостатоци во демократијата да можат да бидат игнорирани, потсетува Мејсон.

Сепак, сега сето тоа се смени. Турскиот претседател жестоко ги задушува сите акции на протест. Тој го испровоцира прекинот на примирјето со Работничката партија на Курдистан и практично запали неколку градови на југот на Турција каде што живеат Курдите. ЕУ притоа ги затвора очите на поткопувањето на демократијата во Турција и воените акции против цивили.

Меѓутоа, сето тоа е ништо во споредба со картата која Ердоган допрва може да ја одигра. Во заднината на државите кои се распаднаа или се распаѓаат, како Авганистан, Јемен, Ирак и Сирија, колку повеќе неуспеси трпи турската демократија, толку повеќе Западот треба да ја поддржува. Колку повеќе Европската комисија, меѓу другите, инсистира на тоа Турција еден ден да стане членка на ЕУ, толку посилни во Европа стануваат играчите кои сакаат да излезат од европското семејство, пишува Гардијан.

Жителите на ЕУ имаат право да ја дознаат вистината за Турција. Властите на ЕУ уште во ноември ја фалеа Анкара за економските успеси, без оглед на тоа што уште тогаш беа видливи сите знаци на тиранијата. Главното прашање останува дали може држава која на најбезобразен начин ги крши сите критериуми за пристапување во Европската Унија да има перспектива во таа заедница?

Одговорот е само еден – нормално дека не може и европските власти треба тоа да му го кажат на Ердоган, заклучува коментаторот на Гардијан.