Бесплатни диоптерски леќи за средношколци и студенти

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска промовираше уште шест нови мерки наменети за младите со што вкупниот број со претходно презентираните достигна 40.

– Со овие шест досега понудивме 40 нови проекти кои ја претставуваат нашата визија и нашата конкретна инвестиција за младите. Вие најдобро знаете дека она што го ветуваме и ќе го оствариме. Позади секој нов проект, секоја институција која ќе биде одговорна за спроведување, ќе ја има мојата упорност и мојот ангажман за тоа дека мора да се реализира ветеното доследно и навремено. Мора да се исполнат очекувањата на младите бидејќи зборот е збор и тој мора да се исполни, им порача Груевски на младите.

Првиот проект е бесплатна ласерска корекција на диоптрија за студентите кои имаат проблем со својот вид и таа ќе се однесува за сите студенти од 18 до 26 години кои потекнуваат од семејства со остварен годишен нето приход до околу 115 илјади денари. Ласерката корекција на диоптрија ќе се однесува за студентите кои имаат диоптрија над плус или минус два. Трошоците за ласерската корекција на видот ќе бидат на Фондот за здравствено осигурување, а оваа мерка ќе почне да се применува од 2017 година за што претходно ќе бидат направени неопходните измени во Законот за здравствено осигурување.

Вториот проект е обезбедување бесплатни леќи и очни помагала за средношколците и студентите од 14 до 26 годишна возраст кои потекнуваат од семејства чии вкупни месечни приходи не надминуваат бруто износ од  околу 32.000 денари.

Третиот проект е  наречен „Студент фест“ и со него е планирано по примерот на европските студентски градови да се организира голем студентски фестивал во Штип, Битола, Охрид и Скопје каде што се сместени универзитетите. Фестивалот во Штип, Битола и Охрид ќе се одржува еден ден во годината, а во Скопје ќе трае повеќе денови и ќе се одржува на шесте плоштади на кои, како што претходно беше најавено, ќе се градат мултифункционални бини како што се плоштадите „Македонија“, „Филип Втори“, „Мајка Тереза„ „Богородица„ „Скендер Бег“ и плоштадот „ВМРО“. На овој фестивал ќе настапуваат студенти, а носител на проектот ќе биде Агенцијата за млади и спорт во соработка со општините. Проектот ќе почне да се реализира од следната година.

Со четвртиот проект е планирано да се субвенционира купувањето музички инструменти за младите и со него секоја година ќе се субвенционираат до 50 млади музичари со еднократен паричен надоместок од 75 проценти од сумата за купување на инструментот  чија вредност не треба да биде поголема од 100 илјади денари.

Оваа мерка, според Груевски, во голема мера ќе значи стоотстотно покривање на средствата за купување инструмент, а во случаите каде се работи за поскап инструмент, субвенцијата ќе биде значителна помош за младите. Проектот ќе се реализира преку Министерството за култура, почнувајќи од септември следната година.

Една од новопромовираните мерки е и обезбедување бесплатен здравствен преглед за спортските репрезентативци кои се занимаваат со фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, тенис, бокс, карате, таеквондо, џудо, борење, кик бокс, велосипедизам, кајак, пливање и атлетика. Услов за да го користат овој проект е младите да бидат репрезентативци во миниум два последователни циклуса или категории. Мерката ќе почне да се реализира од јуни 2017.

Како продолжување на претходно најавениот проект за отворање читални во општините низ државата, Груевски денеска најави отворање на уште три нови читални во Прилеп, Струга и Гевгелија.

– Докажавме дека значаен ни е секој проект и дека младите го имаат нашето должно внимание. Ова го правиме затоа што искрено веруваме во потенцијалот на младиот човек и затоа што обезбедувањето на сигурност, добро образование, инфраструктура и можности се работите кои силно го поттикнуваат нивниот развој, истакна Груевски, промовирајќи ги новите мерки наменети за младите.