ВИДЕО: Две жени нападнаа полициска станица во Истанбул

Две жени нападнаа утрово полициска станица во предградие на Истанбул, а во нападот никој не бил повреден, јавија турските медиуми.

Агенцијата Доган вели дека тие фрлиле неколку бомби, а потоа отвориле оган на штабот на полициските сили. Според агенцијата, полицајците одговориле и раниле една од напаѓачките.

Турската телевизија CNN Turk наведе дека жените се утврдиле во блиската зграда. Специјалните полициски сили го опколија објектот и веднаш почнаа молскавична и одлучна акција, која дел од турските медиуми ја пренесуваа и во живо. Во пресметката беа употребени огнено оружје и експлозив, а во текот на целата акција полициски хеликоптер го надлетувал просторот. Последните извештаи одат во насока на тоа дека двете терористки се елиминирани.