Исламска држава со ист бизнис како УЧК – „Вадете ги органите од неверниците за да ги спасите вистинските побожни муслимани“

Вадењето и меѓународната трговија со органите на загинатите во борбите или на заробените „отпадници од вистинскиот ислам“ прераснаа во просперитетен бизнис на калифатот на исламската терористичка парадржава во Сирија и во Ирак, вели шпанскиот весник Мундо.

Весникот го пренесува сведочењето и информациите дека Исламска држава ги принудува заробениците да даваат крв и дека оние што ќе ги осуди на смрт претходно ги подложува на операции за вадење органи во специјално опремени клиники.

Вадењето на органите на убиените „неверници“ најпрво во јануари 2015 година почнало во болниците во големиот ирачки град Мосул, кој го држи Исламска држава, и тоа се чува во тајност.

„А штом пристигнаа во Мосул, џихадистите стрелаа голем број лекари и болничари што одбија да го прават тоа“, ги пренесува шпанскиот весник сведоштвата на безбедносните претставници во Багдад и на оние што успеале да побегнат од Мосул и сега на интернет објавуваат што навистина се случува.

Мундо во обемен извештај од Каиро наведува дека лично Абу Бакр ал-Багдади, самопрогласениот калиф на Исламска држава во Сирија и Ирак, со верската наредба фатва наредил „здравите органи на отпадниците од верата да се вадат за да се спасат животите на вистинските побожни муслимани“, а сè попрофитабилната трговија со човечки органи се претвора во мошне профитабилен бизнис не само во терористичката парадржава, туку и за извоз во други земји.

„Во клиниката Ибн Сина во Мосул е поставено ново хируршко одделение со најсовремена технологија со цел да се вршат операции на вадење човечки органи, а пристап до тоа одделение имаат само странски лекари, кои ги донесе Исламска држава“, велат очевидци.

Операциите се вршат и во клиниките Ал Салам и Ал Захрауи, а сведоците велат дека „колку што се знае, досега вкупно се извршени 183 операции на вадење органи од убиените затвореници, кои претходно биле темелно прегледани во најмалку три болници во Мосул.“

„Експертите по судска медицина што ги прегледале телата на жртвите утврдиле дека 160 трупови имале отворен граден кош, а сите биле мажи меѓу 20 и 35 години.“

Според овие сведоштва, „на најголем број од жртвите им биле ископани очите, кои не може да се пресадуваат, но Исламска земја тоа го прави за убиените затвореници да ги жигоса како шпиони“.

Роднините на убиените затвореници на Фејсбук објавуваат дека на нивните тела наоѓаат големи лузни од операции.

„Изворите што беа сведоци на многу интервенции велат дека со специјално опремени амбулантни автомобили во фрижидери извадените органи се испраќаат понатаму… во Сирија, Курдистан и на други места“, како што детално објаснил и експертот за безбедност во Багдад Хашем Ал Хасими, кој, вели Мундо, има добри канали за комуникација со незадоволните во рамките на самата Исламска држава.

Хашими додал дека „трговијата со органи е многу профитабилен нелегален бизнис, кој ја полни благајната на Исламска држава токму во моментот кога изворите на финансирање на џихадистите пресушуваат“, најмногу поради тоа што со американските и руските бомбардирања илегалната трговија со нафта на ИСИС е отежната, а и нејзината цена драстично падна.

Сето ова, вели Мундо, го потврдил и еден важен познавач, избеганиот поранешен шеф за безбедност на Исламска држава Абу Омар ал Јазауи, кој во интервју за ирачката телевизија изјавил: „Се сеќавам дека бев во една голема болница каде што работеа странски лекари, меѓу кои и Египќани, каде што пристигнуваа трупови од кои беа вадени органи и им беа пресадувани на борците или продавани.“

Толкување на фатвата на т.н. калиф Ал-Багдади даде и еден „одбор“ на Исламска држава, кој рече дека „муслиманските болници се преполни со болести што докторите не можат да ги излечат, како заболувања на срцето, бубрезите и други проблеми опасни по живот.“

И, како што тврди одборот, „ако и правниците рекоа дека, ако е нужно, може да се јаде и човечко месо за да се избегне смрт, тогаш е уште попрепорачливо да се пресадуваат органите на отпадниците од верата во телата на муслиманите“ и „животите на противниците може да се одземаат сосема неказнето“.