Дојде крајот на американското владеење со морињата

На ерата на американската глобална доминација на морињата која е обезбедена со 10-те гигантски носачи на авиони му дојде крајот, смета угледната “think-tank” организација од Вашингтон.

Русија, Кина и Иран сега можат тие големи бродови да ги направат неупотребливи и од гледна точка на новите оружја, технологии, како и стратегијата, пренесува “Russia Today”.

Носачите на авионите се срцето на глобалната доминација на воената морнарица на САД и симбол на американската воена моќ. Моќните бродови кои предизвикуваат страхопочит ширум светот можат да пристигнат на било која точка на планетата и да формираат моќна воздухопловна база од која ќе полетуваат ловци, бомбардери како и авиони за шпионирање и електронско војување.

Во секоја војна во која што САД учествуваше во последните децении, вклучувајќи ги војните во Персискиот залив, Југославија, Авганистан и Ирак беа вклучени носачите на авиони. Американската морнарица моментално има 10 носачи во активна служба, колку и сите останати нации заедно. Но, според последното истражување, на американската надмоќ во светското море ѝ дојде крајот.

Во понеделникот, Центарот за новоамериканска безбедност “CNAS” од Вашингтон објави извештај дека американската поморска доминација е при крај. Самиот наслов на извештајот доволно говори: „Црвен аларм – Растечката закана кон носачите на авиони на САД“.

„Морнарицата на САД долго време уживаше во слободата при своите акции ширум светот. Сега веќе ниту еден американски носач на авион заедно со своите летала не може да плови така слободно низ океаните без страв“, стои во извештајот.

Основна закана претставуваат Русија, Кина и Иран, стои во извештајот, односно закана претставува нивната моќ за „воздушно одбивање“. Тоа значи дека носачите на авиони не можат да се приближат доволно за да бидат оперативни, а да не бидат сериозно загрозени, па дури и уништени.

Наброени се низа на современи оружја кои противниците ги имаат на располагање, од напредни против-воздушни систеи, против-бродски ракети и балистички проектили, па се до подморници со напредно вооружување.

Студијата најмногу се фокусирала на Кина и нејзината поморска моќ, но е подвлечено дека моќта на Кинезите драстично пораснала поради „се посмртоносното“ руско оружје кое го купуваат. На пример, кинеската армија располага со четири руски разурнувачи од класата “Sovremenny” со ракети на наведување и по осум напредни против-бродски крстосувачки ракети “3M80ME Moskit”.

Овие проектили можат успешно да го избегнат американскиот софистициран штит “Aegis” и да уништат било каква мета на море, вклучувајќи и носач на авиони од далечина од 120 до 240 километри.

На крајот заклучокот е следен: Иако Вашингтон вложува милијарди долари во развивање на најнапредни технологии како што се електронски попречувања, прикривања и измами за да ја заштити својата флота, тоа би можело да биде „помалку ефикасно отколку што се очекува“.