Снаодливи струмички гробари – им подариле мобилни на лекарите за веднаш да им јават кога некој ќе умре

Пари и мобилни телефони „подарила“ погребална фирма на неколкумина доктори од струмичката болница, но и од локалните медицински установи, само за да бидат навреме известени кога ќе почине некој за да го преземат неговото тело.

Станува збор И.Н. (40) од Прилеп, Љ.Ѓ. (41) од Струмица, Т.Н. (43) од село Василево, М.Т. (58) од Костурино, Л.Б. (62) од Босилово, А.Г. (50), С.Ш. (42), В.В. (53), К.П. (54), М.Т. (52), В.К. (57), К.Д. (56), Т.Г. (56), Р.Ј. (48), К.П. (54) и Т.В. (50), сите од Струмица, кои од МВР се осомничени за неовластено давање подароци, додека пак останатите пријавени сториле кривично дело неовластено примање на подароци.

МВР денеска извести дека првопријавениот како вработен во правниот субјект ДПТУ „ИГОР и Б Интернационал“ ДООЕЛ-Струмица, во договор со второпријавениот како сопственик и управител на наведениот правен субјект (погребален оператор) и на правниот субјект ДПТУ „Атила Интернационал Груп“ ДООЕЛ-СТРУМИЦА, во текот на 2015 и 2016 година, со цел остварување на противправна корист, во повеќе наврати им дал пари, мобилни телефони и друга корист на останатите пријавени. Тие како вработени во ЈЗУ„Здравствен дом“-Струмица и ЈЗУ „Општа Болница“ им овозможувале на првопријавените приоритетно јавување и преземање на оператори и производители на погребална опрема на подрачјето на Општина Струмица.