ВИДЕО: Курдите не ја сопираат офанзивата и покрај заканите на Турција

Силите на сириските Курди и нивните арапски сојузници го зазедоа градот Тал Рифат, клучен град во покраината Алепо во близина на турската граница, јавува Ројтерс.

Со овој потег Сирискиот демократски фронт (СДФ) – курдските одбранбени сили ИПГ и неколку арапски милиции – се приближија до териториите што ги држи сириската војска и ги засилија своите позиции околу градот Азаз кој е во раце на бунтовниците, последниот пред турската граница, потврди невладината Сириска опсерваторија за човекови права.

Курдската офанзива продолжува и покрај гранатирањата на турската војска, во обид да го спречи напредувањето на курдските сили и нивните сојузници, јавува иранската агенција Фарс.

Бунтовниците во провинцијата Алепо останаа со неколку упоришта, вклучувајќи ги градовите Мареа, источно од Тал Рафат, и Азиз.

Според Рами Абдулрахман, шефот на Сириската опсерваторија за човекови права, борците на СДФ сега се движат кон исток, односно кон линијата на фронтот со Исламска држава, а не кон север, односно кон турската граница.

Сириски бунтовници за Ројтерс изјавиле дека силите на СДФ зазеле значителни делови од Тал Рифат, додека некои трвдат дека го зазеле целиот град. Британската агенција не можела да ги потврди извештаите од независни извори.

„Можете да сметате дека целиот град е заземен“, изјавил еден сириски бунтовник.