Собранието расправа за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести

Собранието на Република Македонија во рамки на 91.седница расправа за Предлог-законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести во прво читање.

sobranieee

Целта на овој Предлог – закон е создавање услови за вршење на трансплантација и сложени хируршки интервенции во Центар за извонредност и во тој контекст основање на Универзитетска клиника за трансплантациона медицина и хируршки болести како центар за извонредност и негова работа. Околу 64 милиони денари се предвидени за формирање на оваа установа и за почнување со работа.

Андов Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со донесување на Законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести, ќе се направи огромен чекор во развојот на македонското здравство и воопшто на македонската медицина.

– Формирањето на оваа институција била сон на многу генерации колеги доктори кои се занимаваат со проблематиката на трансплантацијата на органи и ткива и на сите здравствени работници бидејќи со тоа ќе покажеме дека Македонија има развиено здравство, сопствени ресурси и способни кадри кои во секое време се подготвени да ги решаваат здравствените проблеми на граѓаните, посочи Чибишев.

Според него, се работи за авангарден закон кој проблематиката поврзана со трансплантацијата на органи и ткива ќе ја регулира строго, ќе ја стави во една дефинирана законска рамка која ќе овозможи натамошен развој на оваа врвна медицинска постапка и ќе се даде уште поголема можност за нејзино усовршување.

Реплицирајќи му на пратеникот Ален Георгијев, Чибишев рече дека во Центарот за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести ќе бидат ангажирани врвни кадри и ќе се извршуваат врвни интервенции.

Биљана Настеска од СДСМ рече дека тимот кој прави трансплантација на бубрези не е консултиран за Центарот за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести.

– Жално е да не се употреби знаењето и совршенството на овој тим, посочи Настеска.

Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека бил воочен фактот дека е потребна голема организираност и поголема посветеност и за таа цел неопходно е да се направат решителни промени во сите аспекти на циклусот на трансплантација односно промени во организационата поставеност, едукација на кадар, обезбедување на соодветна и најсовремена опрема, основање Центар за трансплантациона медицина и зголемување на јавната свест за органодарителството.

Посочи дека се предлага во новоформираната Универзитетска клиника за трансплантација на органи и ткива и хирушки болести и напредни хирушки интервенции се да биде на едно место почнувајќи од просторните услови, хирушките сали, амбуланти, болничкиот дел, лаборатории, оддели за анестезија и реанимација, обучен кадар кој континуирано ќе се професионализира за методи на трансплантација.

– Верувам дека тука ќе дојдат и познати светски имиња од трансплантационата медицина. Вакви трансплантациони врвни клиники и универзитетски центри има во Германија, Италија, Израел, Велика Британија…, додаде Василевски.

Јулијана Силјановска од СДСМ смета дека наместо центарот кој во 2013 година ја донесе Република Македонија на деветто место по бројот на извршени трансплантации, да се трансформира со одредени реконструкции во клиника за трансплантациона медицина, сега имаме ситуација кога тој се уништува на сметка на нов центар кој допрва треба да се отвори.

Расправата за Предлог-законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести треба да продолжи во 15:30 часот.

На дневен ред на 91.седница на Собранието се и повеќе предлог-закони за изменување и дополнување од различни области, меѓу кои на Законот за прекурзори, на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, на Законот за санитарната и здравствената инспекција, на Законот за хемикалии, како и на Законот за јавно здравје, на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување и на Законот за здравственото осигурување, на Законот за просветната инспекција, на Законот за спортска академија, на Законот за научно-истражувачката дејност, сите во прво читање…