Денеска е Преподобен Ефрем Сирин, апостол на покајанието

Денеска е Преподобен Ефрем Сирин.

Роден е во Сирија од бедни родители во времето на царот Константин Велики. Раната младост ја помина прилично бурно, но одеднаш во неговата душа настана пресврт и тој почна сиот да гори од љубов кон Господ Исус. Му беше ученик на Св. Јаков Нисибиски (13 јануари). Од големата Божја благодат од неговата уста извираше мудрост како меден поток, а од очите непрестајно му течеа солзи. Трудољубив како пчела. Непрестајно пишуваше книги или ги поучуваше монасите во манастирот и народот во градот Едеса или пак самиот се предаваше на молитва и богомислие. Неговите книги се многубројни, неговите молитви прекрасни. Најпозната му е молитвата за Чесниот Пост: „Господи и Владико на мојот живот“. Кога сакаа насила да го земат за епсикоп, почна да се прави луд и да јури низ градот Едеса, влечејќи ја зад себе својата облека. Кога го видоа тоа луѓето го оставија на мир. Му беше современик и пријател на Св. Василиј Велики. Св. Ефрем Сирин е главно апостол на покајанието. Неговите списи и ден денес смекнуваат многубројни срца закоравени во грев, и ги враќаат кон Христа. Се упокои во длабока старост во 378 година.

Сега е време благопријатно, ова е денот на спасението (2 Кор. 6, 2). Дојде времето, кога се примаат молитвите и молбите.

Царството Божјо сега е блиску на секој, кој Му служи на Бога во правда; затоа што дојдоа дните на чист пост за оној, кој на вистина во чистота пости.

И така, возљубени, да го држиме овој пост со ревност и со чисто срце; затоа што тој е сладок и пријатен за оние кои ги минуваат овие денови свето. Овој свет пост да го употребиме за борба со ѓаволот; затоа што без пост и молитва никој не може да го победи лукавиот. Овој пост да го употребиме возљубени, за да просиме и молиме милосрдност од Себлагиот и Милосрдниот, Кој не го отфрла оној што бара. Овој пост, возљубени, ја отвара небесната врата, затоа што ќе нè подигне од земјата и ќе нè вознесе во висините.

Овој пост, возљубени, ги радува Ангелите и Чуварите наши, затоа што преку постот и молитвата ние стануваме нивни роднини. На овој пост се радува и Христос, нашиот Господ, само ако постиме со љубов, надеж и вера.

На овој пост, возљубени, се радуваат светите пророци, за него ликуваат апостолите и мачениците; затоа што сите тие со неизгаслива ревност се подвизувале во постот.

Постот, возљубени, го држел и кроткиот Мојсеј, и со него правел чуда, за него бил удостоен да Го види Бога. Овој пост, возљубени, го пазел и Илија и затоа се удостоил на огнена кочија да се вознесе на небо. Овој пост, возљубени, го пазел и многуљубезното момче Даниил и затоа бил прославен, и затворил уста на лавови. Во овој пост, возљубени, со света ревност се подвизувале трите отроци, фрлени во печката, и ја изгасиле силата на огнот.

Овој пост возљубени, го пазеле светите пророци, по четириесет дена поминувајќи без леб и вода.

И апостолите, учениците на Господа нашиот, и проповедниците на верата, го чувале овој свет пост, иако преминувале од место во место. Самиот наш Спасител го држел постот и нè научил, како треба да постиме, да водиме борба со лукавиот и да го победуваме сатаната.

И така, возљубени, и ние да го чуваме овој пост со ревност, како што сме научени од нашиот Господ, за некогаш и ние да имаме место во Неговото Царство.

Да го чуваат овој свет пост, пред сè јереите, во чистота, непорочно, свето, без никаква скверност. Да го пазат построго останатите ѓакони, и да му служат на Бога свето, војувајќи со лукавиот. Да го пазат овој пост и сите старци, облекувајќи се во тага за изминатите свои гревови и безаконија. Да го пазат овој пост мажите заедно со жените свои, чувајќи се од секакви прелести, кои непрестајно ги измислува лукавиот. Да го чуваат овој пост и девојките, та кога ќе дојде пак нашиот Господ во слава, да влезат со Него во брачната одаја. Да го чуваат овој свет пост и родителите и да бараат во него Божјо милосрдие за децата свои. И младоста, возљубени, да го пази овој пост; затоа што таа треба храбро да се бори со човекоубиецот – ѓаволот.  Дури и децата, како најмалите, така и повозрасните, да го пазат овој свет пост, некои до три, некои до шест, а некои до девет часа. Целата црква и сите нејзини чеда, од секоја состојба и чин, да постат и со топла љубов да просат и да Го молат Бога.

Да постат и да се молат во ова време на постот богатите и да одделуваат милостиња за сираците, бедните и сиромасите. Да постат и да се молат и сиромасите, молејќи Го Спасителот наш, да ги задоволи нивните потреби. Да постат и да се молат на Христос за време на овој пост и сираците, повикувајќи кон Бога, Тој да стане нивни Татко и Господ. Многу да постат вдовиците, молејќи Го Христа, наместо мажите, Он да ги укрепи и зачува во вдовството.

Со помош на овој свет пост човекот се вознесува на небото и се населува во рајот, само ако пости во совршена чистота. Со овој свет пост човекот го прославува Бога, и секому кој со ревност го пази овој пост, Он му ја отвара вратата на милосрдието.

Овој свет пост го држела Ниневија, поттикната од проповедта на Јона; и луѓето и животните постеле четириесет дена. Со овој свет пост се прославиле патријарсите, пророците, праведните и сите благочестиви. На овој свет пост учеле апостолите, учениците на Синот Божји, и ги привеле народите од заблудата во вистината. Со овој свет пост благословените и победоносните маченици ги укрепувале телата свои, одејќи на меч, оган и секакви мачења. О, колку си голем, дену на постот! Блажен е оној кој те живее како што треба. Секој, кој ти се потчинува тебе, на крилја се вознесува на небото. Но кој, постејќи, го мрази братот свој, таквиот пред Бога е ист, како и оној кој се предава на прејадување; затоа што е исполнет со измама и омраза и ја изгубил љубовта на нашиот Господ. Кој пости и се гневи, и крие во срцето свое непријателство, тој го мрази Бога, и далеку е спасението од него.

О, колку си прекрасна ти, молитво! Блажен е оној кој со ревност расне во молитвата; кон него, само ако таквиот е чист од секаква измама, нема да се приближи лукавиот. Но, обрни внимание на тоа што им кажал Спасителот наш на чистото стадо Свои ученици, кога ги учел да се молат: Оче наш, Кој си на небесата; Тој нè учел да се молиме: прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги простуваме на нашите должници (Мт. 6, 9, 12). И така, гледај – Господ не му простува на оној, кој не му простува на својот брат. Гледај колку е прекрасна молитвата, која учениците Христови ја научиле од вистинскиот Пастир за борба со лукавиот. Така, кој има во срцето лажливост, омраза и осудување, тој најпрвин нека ја очисти душата своја, и после нека дојде, и нека пости и се моли. Кој непријателски е расположен кон братот, го мрази и се вознесува над него, тој најпрвин нека се помири со братот и да му прости – и тогаш веќе може да се приближува кон Господа. Кој сака да се застане пред Бога, тој најпрвин треба да му го прости долгот на братот; само таквиот пост и молитва се угодни на Бога. Што ќе ни принесат сите молитви, ако не им простиме на нашите должници? Човеку, ти си син на прав! Гледај, што те научил твојот Господ, не пренебрегнувај ги зборовите Господови, за и Господ да не се откаже од тебе и да не те осуди. Прости ми ги долговите и гревовите мои, како и јас што му простувам на оној кој ме навредил. Прости ми, како јас што простувам; Прими ме, како и јас што ги примам. Ако ти, човеку, не му простуваш на секој кој згрешил против тебе, не се обременувај со пост и молитва. Ако на братот свој, над кого за нешто си се разгневил, не му го простиш долгот, сосема напразно постиш и се молиш – Бог нема да те прими. Зошто го умртвуваш телото свое со пост, ја измачуваш душата своја со глад и жед, ако не го примиш братот свој со љубов, против кого во внатрешноста своја имаш гнев и омраза? Ни молитвата твоја, ни постот, нема ни малку да ти помогнат, додека не станеш соверешен во љубовта и надежта во верата. Кој чува во себе гнев, непријателство, омраза и раздор, тој е враг на Бога, тој е другар на лукавиот сатана! О, колку се превосходни, браќа мои, и љубовта, и постот, и молитвата, и милосрдието кон сиромасите, бедните, сираците и вдовиците! Господ наш во Своето Евангелие ги ублажил сиромасите, само ако се чисти од секакво зло, блуд и секаков срам.

Прекрши го лебот свој, и дај на сиромасите. Не даваш свое; Бог затоа ти дал во изобилство, за да дадеш и на другите. Доволен ти е насушниот леб, како што си научен во молитвата; затоа не собирај си слама за огнот и маките. Гледај, Господ ти ветил дека ако даваш на сиромасите, уште во овој век ќе ти возврати триесет, и шеесет пати повеќе, а во идниот век ќе те награди со живот вечен. Блажен е оној кој го прекршува лебот свој, и го дава на сиромасите, – за него се радува Христос и ќе го награди со Царство Небесно. Блажен е оној, кој ги облекува голите, – тој ќе биде облечен во риза на Царството и ќе се возвесели некогаш во светла одаја. Блажен е оној што се грижи за сиромасите, вели Давид, затоа што во кобен ден ќе го избави Господ (Пс. 40, 1), то ест, во последниот ден ќе го спаси и ќе го избави од геената, маките, и од црвот кој подјадува и не умира. Само обрни внимание на тоа, што Спасителот наш ни вели во Своето Божествено Евангелие: дојдете, благословени од Мојот Отец, примете го своето блаженство, живот и утеха; зашто гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев, и Ме напоивте… странец бев, и Ме примивте… во затвор бев, и Ме посетивте (Мт. 25, 34-34). Тогаш праведните, стоејќи оддесно нашиот Спасител, ќе одговорат: Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или сиромав и Те нахранивме? Кога Те видовме гол или болен и дојдовме кај Тебе? Кога Те видовме странец или во затвор и те примивме? (Мт. 25, 37-39). И ќе им каже Христос на праведниците од Неговата десна страна: „Вистина ви велам, ако сте им го направиле на овие Мои помали браќа, Мене сте ми го направиле. Дојдете, наследете го Царството, синови на светлината, кои стоите оддесно од Мене“ (Мт. 25, 40, 34). Гледајте, браќа мои, да не станете плен на огнот и маките. Тешко оној, кој ќе биде фрлен во геената; затоа што маките негови ќе продолжуваат вечно и во вечни векови. Но, исто вечно е и блаженството; и затоа ревносно, браќа мои, чувајте го постот и принесувајте вистинско покајание. Да нема никаква нечистотија во телата ваши и никаков грев во членовите ваши. Гледајте, браќа мои, никој од вас да не се посрами со разврат; зашто од никој грев Бог не се гнаси повеќе од развратот. Гледајте, браќа мои, да не се слушаат од вас клетви и пцовки, но наместо нив вознесувајте пофалба и славословие на Бога.

Гледајте, браќа мои, да не господарат во вас гордоста и надменоста, но наместо тоа, облечете се во смирение и кротост. Гледајте браќа мои, никој од вас да не го возљуби крадењето, затоа што таквиот, каде и да отиде, каде и да остане, од секаде го изгонува благословот.

Сосема оддалечете ги од себе прељубата и измамата; затоа што во ровот на погибелта ги фрлаат тие оние, кои ќе се најдат виновни во нив. Гледајте браќа мои, никој од вас да не се колне во името на Севишниот Бог, затоа што во устите, создадени за славословие Божјо, не треба да влегува клетва. Постапувајте како што ве научил нашиот Господ: нека биде словото ваше: да – да, и не не (Мт. 5, 37).

Синот Божји, по благоста Своја, ни го укажал патот на животот, за по него да одиме ние во Царството со дела на правдата. Затоа, ревносно ќе принесуваме покајание, додека не стигнеме во оној век. Ќе ги возљубиме постот, молитвата и благотворителноста кон бедните и ќе се возљубиме еден со друг; затоа што љубовта е исполнување на законот (Рим. 13, 10). Сè ќе помине, браќа мои; само делата наши ќе не придружуваат. Затоа, да се подготвиме за странствувањето, кое никого не одминало.

Пофалба на Божјото Слово, кое заради нас стана човек и поради преизобилната љубов Своја претрпи страдања за родот наш! Величание на Отецот, кој го испрати Словото! Славен да е Светиот Дух! Слава Ти достославна, Божествена и вечна Троице, а нам, милоста твоја во секое време!

Амин!