Тајни документи на разузнавачки служби: Аркан планирал да го убие Туѓман во центарот на Загреб

Кон средината на 1990-та година, во тогашната Служба за државна безбедност (СДС) во Загреб започнале да пристигнуваат информации за можна ликвидација на претседателот на тогашната СР Хрватска и шефот на „ХДЗ“, д-р Фрањо Туѓман.

Атентатот по налог на властите во Белград требало да го извршат припадници на српските и црногорските криминални групи блиску поврзани со тамошната Служба за државна безбедност (СДБ).

Во формална смисла, хрватската разузнавачка служба СДС во тогашно време се уште била составен дел од тогашната федерална југословенска служба со седиште во Белград. Но, во оперативна смисла функционирала како независна, национална, тајна служба обезбедувајќи им сигурност на тогашните нови хрватски власти.

Хрватските медиуми успеаа да добијат увид во документите на хрватски СДС кои откриваат досега непознати работи за драматичните случувања од мај, до средината на 1990-та година кога според хрватските разузнавачки служби, бил планиран атентат на д-р Туѓман.

Први индиции…

Сето тоа започнало со првото полициско депеше од мај 1990-та година. Во него е напишано дека во „хотелот „Еспланаде“ се појавило извесно лице со прекар Акрап со намера да изврши атентат на Фрањо Туѓман“. Истото случување било издвоено и во информацијата 133. на СДС. Таму пишувало дека Акрап бил наводно поврзан со четничко движење кое било нарачател на убиството на Туѓман.

Одредени сомнежи постоеле поради прекарот Акрап. Постоела можност дека станува збор за замена на прекарот Акрап за Аркан, односно Жељко Ражњатовиќ – тогаш познат белградски криминалец и привремен наемник на српската Служба за безбедност и егзекутор на хрватскиот мигрант Стјепан Ѓурековиќ седум години претходно во Германија.

Мафијашот Ѓокиќ

Аркан во тоа време соработувал со луѓе со сличен профил па се сметало дека тие можат да обезбедат дополнителни информации за можниот план за ликвидација на Туѓман. Еден од нив бил Ратко Ѓокиќ кој веќе им бил познат на хрватските агенти.

Во документите стоело дека Ѓокиќ е „повремено ангажиран од СДБ Титоград (Подгорица) и Белград за разни валкани работи, од претепување до убиства“. Во истиот документ стои важен податок дека „Ратко Ѓокиќ бил во многу добри односи со извесен Жељко кој го нарекуваат Аркан“. Според хрватските агенти, тој бил убиец „по нарачка“, кој веќе неколку пати бил ангажиран да убива луѓе. Според изворот, Аркан бил со средна висина, „бејби“ лице, често е во Загреб, а кога се гледа со Ѓокиќ најчесто два до три дена престојува во хотелот Интерконтинентал.

arkan2

Покрај тоа, Аркан и Ѓокиќ се поврзуваат и со ликвидацијата на Ѓурековиќ. Според некои податоци наведени во информацијата со број 367. на СДС, пишува дека „Ѓокиќ и Ражњатовиќ се споменуваат како извршители на убиството на Стјепан Ѓурековиќ во Минхен. Притоа, Ѓокиќ како оружје за екгзекуцијата користел две мачети“.

Во анализата на достапните информации, очигледно е поставена теза дека всушност, покрај Аркан, клучен човек во организирањето на атентатот на Туѓман е Ратко Ѓокиќ.

Ѓокиќ и Аркан требало да делуваат вооружени со пиштоли. Со оглед на тоа што во тоа време се одржувала свеченост на откривање на споменик на кој што присуствувал Туѓман со останатите членови на неговата влада, постоеле сериозни индиции дека двајцата би можеле да извршат атентат. Сепак, хрватските разузнавачки служби иако претпоставувале дека ќе биде извршен атентатот, не утврдиле дека Ѓокиќ и Аркан пристигнале во Загреб тој ден, односно не успеале да ги фатат.

Сведоштва за Аркан

Ѓокиќ сведочел за врските на Ражњатовиќ со воените и разузнавачките кругови во Србија, ситуацијата во неговото семејство и лошиот материјален статус на почетокот на 90-тите. Ѓокиќ открил и непознат детал за тоа како Ражњатовиќ, непосредно пред крајот на војната загубил милиони марки на обложување „меѓутоа со оглед на тоа што Аркан бил познат низ загребските улици, никој не се осудил да му го наплати долгот“.

arkan3

Кон крајот на 1990-та година, односно во декември, Жељко Ражњатовиќ Аркан бил уапсен во Хрватска. Тоа кај Србите и Хрватите е позната епизода од увертирата на српско-хрватската војна. Но, се уште се малку познати деталите од неговите испитувања во затворот во Хрватска.

Аркан бил пуштен на слобода летото 1991-ва година, иако бил осуден на пет години затворска казна. И ден денес никој не знае зошто…