Илјадници луѓе протестираа против емигрантите (ФОТО+ВИДЕО)

Илјадници демонстранти во повеќе европски градови протестираа против исламот и емиграцијата во Европа, на иницијатива на десничарското исламофобно движење Пегида.

Во исто време се случуваа и контрамитинзи во знак на поддршка на бегалците, при што имало и судири. Во Дрезден, упориштето на Пегида, полицијата проценува дека излегле околу 15.000 демонстранти.

Поддржувачите на Пегида протестираа и пред железничката станица во Бирминген во Британија, а протести на антимуслимански и антиемигрантски групи беа одржани и во Франција, Полска, Чешка и Холандија.

Околу 150 демонстранти се судрија со полицијата во центарот на францускиот пристанишен град Кале. Иако пристапот е забранет, тие се собраа, пеејќи ја француската хумна и мафтајќи со француски знамиња и транспаренти со натписи „Ова е наш дом“.

Воочи протестите, францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев ги повика властите во Кале да ги спречат сите демонстрации „без оглед кој ги организира“.

Тој кажа дека забраната особено важи за „групите кои предизвикуваат тензии, поделби и насилство“, и дека ќе трае колку што е потребно.

Илјадници Чеси се собраа денес во Прага, дел во знак на протест против приливот на бегалци, додека други во знак на поддршка на емигрантите. Меѓу двете групи дошло и до судир, но полицијата брзо ги раздвоила.

Главниот антиемигрантски собир беше одржан пред Претседателската палата во Прага, додека уште две групи организираа слични собири во чешката престолнина и во вториот по големина град Брно.

Во Амстердам поддржувачите на Пегида се обидоа да го одржат својот прв собир, при што се судрија со полицијата.

Плоштадот во близина на градското собрание каде требало да се одржи протестот морал да биде затворен непосредно пред почетокот на собирот, бидејќи полицијата добила информација за „сомнителен пакет“.

Само околу 200 подржувачи на Пегида се собрале на плоштадот, опкружени со голем број полицајци и левичарски демонстранти кои извикуваа „Бегалците се добредојдени, фашистите не се“.

Антиисламски разположената Пегида, која беше формирана кон средината на 2014 година како движење во Германија, а потоа се прошири во Франција и други европски земји, ги повика своите членови и симпатизери низ Европа да се придружат на протестните маршеви.

Пегида, или „Париотски Европејци против исламизацијата на Западот“, изрази очекување дека демонстрации ќе се одржат во 14 европски земји.

Протестите низ Европа следат откако антимуслиманските групи на 23 јануари ја потпишаа Прашката декларација со која ги повикаа своите членови на 6 февруари да излезат на улиците.