Воини одмаздници „ќе ги штитат Европејките од мигрантите“ (ФОТО+ВИДЕО)

„Воините на Один“ маршираат во групи, облечени во јакни со нивното лого на грбот. Тие се заколнаа дека ќе преземат конкретни акции за да ги „заштитат жените, девојките и децата“ откако емигрантскиот бран ја погоди либералната скандинавска земја.

voini1

Групата, која тврди дека има гранки низ цела Европа, тврди дека се мобилизирала по порастот на криминалот поврзан со емигрантите во последните 12 месеци, поради тоа што финската влада „ја зезнала работата“.

Новинарите на Дејли мејл ги посетиле во нивниот таен штаб, преполн со нацистички симболи и пропаганда за „белата надмоќ“.

„Владата успеа да ја зезне работата прилично лошо, а ние сме последицата“, вели 27-годишниот Јани, еден од лидерите на групата, кој работи во фабрика за хартија. „Политичарите им дозволуваат на емигрантите да ги силуваат нашите жени, и сега не прават ништо околу тоа. Ќе има војна на улиците, а ние сме спремни да се бориме“.

Групата е формирана во септември од страна на поранешниот затворник Мика Ранта, кој самиот признава дека е неонацист. Воините на Один се само една од растечкиот број антиемигрантски групи кои се појавуваат низ Европа.

voini2

Поголемиот дел од членовите на групата се обични работници. Ѓубреџија, неколку железарци, механичар, камионџија и работник во фабрика, сите тие учествуваат во редовните патроли на групата. Има и голем број невработени, жртви на тригодишната економска криза во Финска.

Речиси сите имаат криминални досиеја, а неколкумина одлежале подолги затворски казни.

Поддршката на фејсбук страницата на групата расте секојдневно, во моментов има околу 25.000 лајка, а се проценува дека има околу 600 члена во 25 ќелии во Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Полска, Германија, Естонија, Унгарија – а дури и во Велика Британија и САД.

voin3

Локалното население е главно уплашено од „воините“. Во Јоенсу, источен град со историја на навивачко насилство, каде на членовите на групата им е забранет влезот во повеќето барови, млада студентка вели дека е „сомничава“ околу мотивите на одмаздниците додека патролираат по улиците.

„Тие се криминалци а тврдат дека ја работат работата на полицијата. Повеќето луѓе ги сметаат за неонацисти“, вели таа.

Во три часот наутро, кога патролата ја завршува својата обиколка, паѓа во очи колку малку емигранти има на улиците.

„Повеќе не одиме во центарот, особено навечер, бидејќи се плашиме дека ќе не претепаат Воините на Один“, вели 25-годишниот Хашим Ќелеш, курдски емигрант кој работи во пицерија. „Ми се случило да ми се закануваат и да ме пцујат повеќе пати. Еднаш еден чувар едвај ме спаси од ќотек“.

Но тој додава дека „го разбира“ нивниот гнев. „Емигрантите кои се однесуваат лошо ни создаваат проблеми на сите. Тие не работат, само земаат социјална помош, и ги малтретираат жените. Странците мора да бидат внимателни“, вели тој.

Ари Куронен, директор на локалното прифатилиште на Црвениот крст, е загрижен. „Воините на Один создаваат тензии. Дури и Финците се уплашени. Тие се расисти. Има два можни резултати. Или тие ќе престанат со патролите, или ќе има опасни борби по улиците. Во моментов, никој не знае што ќе се случи“.