Нова војна – Расте бројот на жртвите во Турција

Расте бројот на загинатите во турскиот град Џизре. Курдски извори тврдат дека турската војска го блокира пристапот на медицинските лица кои се оневозможени да им помогнат на ранетите.

Ситуацијата на југоистокот на Турција, посебно во градовите Дијарбакир и Џизре од ден во ден станува се полоша. Според последните информации, турските безбедносни сили не им дозволиле на медицински екипи да им помогнат на ранетите.

Во еден случај 20 ранети лица минале речиси една седмица во подрум без помош, а шест лица починале поради недостаток на медицинска помош. Информацијата ја пренесе пратеникот на про-курдската партија “HDP”, Фајсал Саријилдиз.


Во разговор за германската новинска агенција “DPA”, Саријилдиз изјави дека бројот на мртвите во градот Џизре секојдневно расте и откри дека дури во 11 случаи турската армија не им дозволила на медицински екипи да пристапат и да им помогнат на ранетите во битките.

Да потсетиме, на овој простор, на југоистокот на Турција, турските сили за безбедност и турската војска спроведуваат операции против бунтовниците на курдската „ПКК“, но според изворите од терен, има огромен број на цивилни жртви.