Драматично предупредување: Се чека моментот војната од Сирија да се пренесе во БиХ

Вехабиското движење претставува посебна закана за безбедноста на БиХ, бидејќи војната за Исламската држава повеќе нема да се води во Сирија и Ирак, туку се чека погоден момент за таа идеја да се војува на територијата на БиХ, тврди експертот за безбедност Предраг Чераниќ, пренесува Kurir.rs.
Како што наведува Чераниќ, вехабиите се подготвуваат на тој начин што настојуваат преку мисионерска работа да стекнат голем број следбеници, што им успева бидејќи сè повеќе млади привлекуваат во организација паралелна на Исламската верска заедница, која ја создале.


Тој смета дека најголемиот безбедносен ризик во БиХ, но и во останатите земји од Западен Балкан, се крие во можноста Хрватска на својата граница да крене ограда и да постави војска, па мигрантската криза да се прелие на територијата на соседот.

“За тоа не се размислува, ниту се бара решение”, рекол Чераниќ. “Тоа е причината што вехабиските заедници повеќе не можеме да ги следиме како издвоени енклави во рурални подрачја. Тие сега имаат најмногу следбеници во сараевските предградија Бутмир, Раљовац и Хаџичим, од каде најголем број млади момчиња заминале да војуваат во Сирија за ИСИС”, рекол Чераниќ на научната конференција “Безбедносни предизвици и закани за Балканот” во Белград.


Тој вели дека треба да се подржи акцијата која ја иницирал поглаварот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, кој побарал од оние кои не се припадници на заедницата до крајот на февруари да престанат со одржување на верски активности во објектите без одобрение за работа од надлежното тело на Исламската заедница.

“Законот за слобода на верата и верските заедници не дозволува никакво верско организирање надвор од постоечките конфесии”, рекол Чераниќ и истакнал дека вехабиската филозофија дека државата треба да се гради според шеријатот е многу опасна во мултинационални општества како Босна.

“Се покажало дека терористите убивале и Срби и Босанци и цивили и полицајци и дека се заедничка закана. Не сум сигурен дека на тероризмот се гледа со исти очи на ниво на највисоките органи во БиХ”, рекол Чераниќ.