Вирусот „Зика“ не може да се споредува со ХИВ ама сепак се пренесува преку секс

Вирусот „Зика“, кој се шири по Северна и Јужна Америка, може да се пренесе и при сексуален однос, вели лекарот Јонас Шмит-Ханасит во интервју за Дојче веле. Но, него повеќе го загрижува нешто друго, пишува Дојче веле.

Дојче веле: Вирусот „Зика“ и натаму се шири по Северна и Јужна Америка. Можат ли луѓето меѓусебно да се заразат?

Јонас Шмит-Ханасит: Вирусот се шири главно преку комарци, мушички. Постои и можност за пренос преку секс, но тука опасноста е помала. Вистинската опасност е што мнозинството луѓе кои заболуваат не знаат воопшто дека се заболени и инфицирани. Тоа ја прави поедноставна можноста за пренос преку сексуален однос.

А во секојдневниот живот?

Не е можно пренесување како во случајот со еболата, преку течност, допир, бакнеж. Овој вирус „Зика“ во никој случај не би требало да се споредува со ХИВ или ебола. Инаку, на луѓето веднаш на памет ќе им паднат други мисли и диви тези и некој ќе каже дека е тоа нов ХИВ. Вирусот „Зика“ сосем јасно е вирус кој го пренесуваат инсекти. Тој е прилагоден на мушичките и нема врска со човекот онаму од каде што доаѓа директно, од прашумата. Тој не е вирус како ХИВ, кој релативно добро се има прилагодено кон човекот и се пренесува од човек на човек.

Дали вирусот се пренесува преку крвта?

Можен е пренос преку трансфузија на крв, како и кај треската „Денга“, која е сродна со вирусот „Зика“. Сега во најзагрозените региони би требало да се испитаат различни работи. „Зика“ може да се пренесе и преку млекото на инфицирани мајки ако го дојат бебето. Но, тоа не е главен начин кој погодува милиони луѓе.

Дали преносот од човек на човек игра некаква улога при ширењето на вирусот?

Колку што ќе има повеќе случаи, толку поактуелни ќе бидат и другите начини на пренос, кои инаку имаат помалку важна улога. Тоа не би требало да се потцени ако постојат повеќе милиони случаи. Со тоа се занимаваат актуелните студии. Мораме и натаму да истражуваме колку често тоа се случува, колку често вирусот може да се појави во спермата и слично.

Дали е пренесувањето од човек на човек причина за загриженост?

Можноста од зазаза преку сексуален пат е еден аспект, но сигурно не е тој кој мене и на колегите ни предизвикува најмногу главоболки. Повеќе сме загрижени околу прашањето како да ги заштитиме трудниците, како да го запреме ширењето на вирусот и како на најдобар начин да се бориме против инсектите кои го пренесуваат.

Според Вас, колку е опасен вирусот „Зика“?

Ситуацијата, севкупно гледано, е неочекувана. Вирусот „Зика“ предизвика малку страв и трепет. Последиците се драматични, посебно кај доенчињата. Многу бебиња не го преживуваат. Тоа ме загрижува. Исто така ме загрижуваат и неуролошките последици кај возрасните кои се поврзани со инфекцијата.