ВИДЕО: Извештај за убиства извршени од муџахедини во војната во БиХ

Извештајот во неделната емисија „ТВ правда“ (TV Justice) на БИРН Босна и Херцеговина, прикажува како членовите на одредот „Ел Муџахид“, кој бил дел од Третиот корпус на АБиХ, заробиле и убиле околу 50 лица од српска националност, откако ја презеле контролата врз селото Возуќа, во близина на босанскиот град Завидовиќи, во септември 1995 година, пишува balkaninsight.com.

Обвинителството посочи дека исламските доброволци ритуално им ги отсекле главите на некои затвореници, кои биле малтретирани и мачени, на кои ушите им биле отсекувани и биле бодени по целото тело.

Командантот на АБиХ, Расим Делиќ, беше осуден на три години затвор во Хаг, за воени злосторства извршени во Возуќа, но иако поминаа 20 години од овие настани, непосредните сторители сѐ уште не се осудени.

„По апсењето ни ги врзаа очите, ни ги врзаа рацете зад грб и не одведоа некаде далеку. Не внесоа во една куќа … Секогаш кога некој од војниците ќе влезеше, ни удираше клоци и велеше: ’Признај што сте направиле, признајте дека сте биле во војска’. Таа ноќ убија неколку луѓе“, изјави за „ТВ правда“, Душко Глигориќ, еден од преживеаните.

Глигориќ го испрашувале и го тепале со месеци, а конечно го ослободиле во 1996 година.

Во декември 2015 година, Обвинителството на БиХ подигна обвинение против Сакиб Махмуљин, поранешен командант на Третиот корпус, бидејќи не преземал акција за спречување на злосторствата на „Ел Муџахид“ во Возуќа и не ги казнил исламските борци кои ги извршиле овие злосторства.

Неговото апсење беше критикувано од водечката политичка партија во БиХ – Партијата за демократска акција (СДА), која соопшти дека е Махмуљин е невин и дека тој бил уапсен за да се докаже дека обвинителството не е антисрпско.

Сепак, апсењето го пофалија организациите на поранешните припадници на силите на босанските Срби, кои го поздравија напредокот во гонењето на воените злосторства извршени врз Србите.

Извештајот можете да го погледнете тука (почеток на 2’45 “):