ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Турската полиција пукала во Курди што веат бело знаме

Со камера е снимен инцидент во кој било пукано кон неколку цивили што држеле бело знаме. Жртвите се Курди во градот Чизре, каде што, наводно, биле застрелани од турски војници.

На серијата кратки видеоклипови објавени на социјалните медиуми се гледа поворка од луѓе како се движи по улица, туркајќи количка со нешто што личи на две покриени тела. Ѕидовите на зградите се прошарани со дупки, можеби од куршуми. Во далечината се гледа тенк.

Околностите на снимките не можело веднаш да бидат проверени, вели Раша тудеј. Една верзија тврди дека курдските цивили биле застрелани од турски војници во рамките на острите мерки што Анкара во моментов ги спроведува на југот и југоистокот на земјата.

Друга верзија вели дека курдските милитанти стоеле меѓу цивили и отвориле оган кон Турците, провоцирајќи одговор. На снимката воопшто не се гледаат вооружени лица во толпата.

Турската влада во август почна воена операција во областите каде што Курдите се мнозинство, наметна полициски час и почна конфликти со борците на милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК), која во Турција се смета за терористичка организација. Се верува дека најмалку 150 цивили и стотици борци од двете страни загинале во конфликтите.