Бунт против Ангела Меркел

Оваа зима би требало да биде донесен план кој политички, организациски и правно би го регулирал масовното доаѓање на бегалци во Германија. Берлин сака да го искористи овој период, во кој поради зимските услови во земјата доаѓаат помалку луѓе. Но во Германија и натаму влегуваат околу 3000 бегалци дневно, што е значително помалку од претходно, но и покрај тоа бројката би можела да изнесува 100 илјади нови доселеници повеќе месечно. А кон таа бројка би требало да се придодадат и околу 1,1 милион бегалци кои веќе се наоѓаат во Германија. Толку нови бегалци, ако луѓето продолжат да доаѓаат со ист континуитет, веројатно ќе има и до крајот на оваа година.

ангела меркел

Такви се пресметките не само на т.н. загрижени граѓани, туку и на Христијанско- демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел. Карстен Линеман, шеф на партискиот Сојуз на средни претпријатија, вели дека расположението кај членовите на ЦДУ е многу лошо. Дури и меѓу пратениците во Бундестагот од редовите на ЦДУ, кои инаку безрезервно ја поддржуваат канцеларката, владее состојба на „чекор до пуч“. Противниците на Меркел не се наоѓаат во опозицијата, туку во сопствените редови.

Бројот на бегалци расте, поддршката за канцеларката опаѓа

И граѓаните сѐ помалку веруваат во паролата „Ќе успееме!“. За првпат повеќе од половина од Германците (51 насто) смета дека Германија нема да успее да се справи со овој огромен бегалски бран, а само уште 44 проценти од испитаниците ја поддржуваат Ангела Меркел и нејзиниот концепт. Тоа се резултати од анкетата спроведена по нарачка на германскиот јавен медиумски сервис АРД. Испитувањата на вториот јавен медиумски сервис ЗДФ уште повеќе загрижуваат. Според нив, околу 60 насто од граѓаните сметаат дека Германија не може да се носи со толку голем број бегалци. Вакво мислење пред само еден месец застапуваа само 46 насто од граѓаните.

Притисокот врз канцеларката се зголемува пред сѐ поради противењето на сите останати земји членки на Европската унија да прифатат поголем број бегалци. Додуша, шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Фолкер Каудер, повторува дека Меркел го има на располагање сето време што ѝ е потребно за преговори во рамките на ЕУ за заеднички мерки за надминување на кризата. Но во разговорите во Брисел нема поголеми пробиви.

И другите мерки се спроведуваат бавно. Пакетот прописи со кои би требало да се забрза постапката за доделување азил сѐ уште е предмет на бурни расправи. И натаму се спори за можно, барем привремено, затворање на границите. „Долги колони на германско-австриската граница ми се помили од безредија како оние за време на новогодишната ноќ во Келн“, вели членот на ЦДУ, Армин Шустер. И депортацијата на оние чие барање за азил е одбиено се одвива премногу бавно.

Пресудна седница на 26. јануари

Уште на првата годинешна седница на пратеничката група на ЦДУ избувнала остра расправија. Наводно било гласно и емотивно. Остро била критикувана Ангела Меркел и била побарана корекција на нејзината политика кон бегалците. Во меѓувреме во ЦДУ кружи писмо на бунтовниците кое во оваа недела би требало да ѝ биде проследено на канцеларката. Досега го имаат потпишано 40 од вкупно 310 пратеници на ЦДУ во Бундестагот. Неговата содржина не би требало да биде објавена – поради почит кон Меркел.

Но веќе на 26. јануари, на наредната седница на пратеничката група, би можело да дојде до отворен бунт. Пред сѐ во случај ако Меркел на 22. јануари на германско-турските консултации не успее да ја наговори Турција на помасовно запирање на бегалскиот бран. А таа желба ќе биде остварена само ако ЕУ конечно издвои три милијарди евра кои ѝ ги вети на Анкара за помош во бегалската кириза. Така внатрешнополитичката судбина на канцеларката Меркел би можела да биде одлучена – на Босфорот.

Извор: Дојче веле