МПЦ доби уште еден светец

Гаврил Светогорец, епископ Велички, од Манастирот во Лесново на 12 јануари 2017 ќе биде прогласен за светец. Канонизацијата ќе биде дел од јубилејот 50 години од возобновувањето на автокефалноста, што МПЦ ќе го одбележува таа година.

GAVRIL-1-217x300

Постапката за негова канонизација, што МПЦ ја почна пред шест години е во завршна фаза. Комисијата за канонизација при МПЦ ги има комплетирано сите потребни документи за неговите дела и завршени се сите постапки за неговото официјално прогласување за светец. Веќе е изработена и икона со неговиот лик, а нацртани се и неколку фрески како светец во некои цркви. Една од нив е и параклисот „Свети Никола“ во Аеродром, објави порталотРелигија.

Тоа ќе биде трето во низатта прогласувања на светци, што МПЦ го прави во својата понова историја. Пред неполни четири години МПЦ ги прогласи, за светци Евнувиј, Пајсиј и Аверакиј, под заеднички натпис „Пречистански преподобномаченици“ во манастирот „Света Пречиста Богородица“ во близина на Кичево. Потоа, во Битола беа прогласени за светци 40-те битолски преподобномаченици, убиени од османлиите кога ја зазеле Битола.

Епископот Велички е едно од најпреподобните имиња од поновата историја на Македонската Православна Црква. Живеел аскетски живот во буквална смисла на зборот, а ја предвидел и сопствената смрт. Има и неколку чуда за кои сведоштвата од луѓето на кои им се имаат случено ги собираше монашкото братство од Лесновскиот манастир.

Гаврил голем дел од животот го поминал и во пештерските келии во близина на манастирот во Лесново, каде аксетски живеел и неговиот истоименик пред 1000 години, Свети Гаврил Лесновски. Денес тие се дел од туристичка атракција што ја посетуваат сите кои ќе дојдат во Манастирот.