Љубомир Стојчевски – Донира по 80 супи неделно за бездомници, профитот го дава за хумани цели

Љубомир Стојчевски, сопственикот на ресторанот за здрава храна Freshes, отворен пред две недели спроти Градежниот факултет, веќе подели неколку тури бесплатни супи за бездомниците, а планира да го прави тоа редовно. Тој супите ќе ги донира за редовниот оброк што секоја недела напладне на бездомниците им го делат луѓето од хуманитарната организација „Вистински дела на љубезност“.

supi za bezdomnici

– Во просек од мојот ресторан, кој штотуку е отворен, подготвуваме по 70 или 80 супи за бездомниците. Одлучив и 34 проценти од профитот на ресторанот постојано да биде наменет за хумани цели. До идејата за вакво нешто дојдов кога бев на постдипломски студии на Економскиот факултет при подготовка на мојот магистерски труд „Социјално претприемаштво“. Станува збор за бизниси кои освен економски цели имаат и социјална цел за доброто на општеството, на што треба единствено да му се посветува внимание – вели Стојчевски.

Тој објаснува дека корпоративната општествена одговорност на големите компании е поинаква од одговорноста на малите фирми.

– Основната разлика е таа што општествено одговорните големи компании може да одлучат кога и како сакаат да помогнат. Всушност, нивната скриена намера со тоа е само подигнување на сопствениот рејтинг. Бизнисите како нашиот тековно се посветуваат на социјалната цел и одвојуваат и време и ресурси за да ја реализираат. Kај нас е во тек изработка на закон за социјално претприемаштво кој би овозможил регистрирање такви фирми-компании. Kонкретно, сега ние функционираме како обична фирма, но во иднина планираме третина од профитот да оди во хуманитарни цели. Тоа е развиено во Европа и во светот, каде што има голем број такви фирми. Сметам дека тоа е иднината на економијата воопшто и дека ќе има компании што би го правеле тоа бидејќи самите клиенти ќе го бараат тоа од нив – истакна Стојчевски.

Според него, слично нешто кај нас прави уличното списание „Лице в лице“ кое го продаваат бездомници. Тие половина од продажната цена на списанието кое чини 100 денари, задржуваат за себе.

– Различни видови вакви претпријатија таргетираат одредена цел и се обидуваат да ја реализираат. Нашата целна група се бездомните лица и социјално загрозените лица, за кои се обидуваме да добијат квалитетен оброк – објасни Стојчевски.

Ќе има попусти и за болните луѓе

Нашиот соговорник вели дека планираат да воведат нови механизми преку кои граѓанинот ќе може директно да помогне.

– Луѓето ќе може да доплатат купувајќи нешто од кај нас, за да им помогнат на бездомниците или социјално загрозените лица. Ако, на пример, супата чини 50 денари, граѓанинот ќе плати 75 денари и со тоа ќе подари супа за еден бездомник. Ова би го вовеле наскоро, во текот на јануари, сакаме да помине барем еден месец од отворањето на ресторанот. Исто така, би имале постојани попусти за нашата целна група кои во соработка со надлежните институции би можеле со картички со попуст да купуваат кај нас. Тоа би го прошириле и на други маргинализирани групи, како што се болните лица – информира Стојчевски.

Инаку, во овој ресторан за здрава храна има сендвичи со веганска, вегетаријанска и класична опција со чадено месо, сланина, печеница, потоа салати од зеленчук, овошни салати, посни десерти, безглутенски и органски производи како ајвар, малиџано, аронија и други. Во иднина ќе приготвуваат и готвени јадења.

Во кујна се двајца магистри, еден историчар и еден лингвист

Во ресторанот се вработени четворица млади лица кои не се готвачи.

– Интересно е што ниту еден од вработените не е готвач и немаат допирни точки со тоа. Една девојка е магистер по филозофија, јас сум магистер по економија, а инаку сум дипломиран електроинженер, еден е дипломиран историчар и еден е при крај на Филолошкиот факултет. Јас сум задолжен за подготвувањето на супите. Секое утро доаѓам рано и ги подготвувам од разновидни зеленчуци. Обично дневно има по еден или два вида супи. Тоа се крем-супи од тиква, од спанаќ и морков, целер и кромид, цвекло и друг зеленчук. Понатаму, би оделе со приготвување и три вида супи – најави Стојчевски.

Извор: ДНЕВНИК