Во Хрватска ги повлекуваат вакцините за новороденчињата

Задолжителната вакцинација против туберкулоза ќе биде укината во породилните одделенија, соопшти хрватското Министерство за здравство, кое ја усвои тригодишна програма за промени во имунизацискиот календар. „БЦЖ“ вакцината ќе се применува само на високоризични групи. Тоа го пренесе телевизискиот канал на Хрватската Радиотелевизија.

Во почетокот на годината беше повлечено и вакцинирањето против „Хепатит Б“ на бебињата во породилното.

Со овие промени отпаѓа вакцинацијата на новороденчиња во Хрватска и првите инјекции ќе почнуваат да ги примаат дури од вториот месец.

Целта на сегашното отстранување на „БЦЖ“, е во тригодишниот период на програмата да се набљудува како промената ќе влијае на епидемиолошката ситуација и морбидитетот од туберкулоза – од резултатите ќе зависи дали во следните години конечно ќе се укине вакцината за новороденчиња од календарот или ќе продолжи да се користи.

Од хрватскиот Институт за јавно здравје (CIPH) соопштиле уште дека настапуваат измени кај реваксинациите со „ДТК“ вакцина (дифтерија, тетанус, пертусис), и отпаѓа една доза од неа. Се укинуваат и дополнителните инјекции против дифтерија и тетанус за поголемите деца, бидејќи тоа е повеќе од потребното според Бернард Каич – раководител на одделот за „Превенција на заразните болести и вакцинации“ од Институтот.