Деновите на бензинот и дизелот се изброени

Деновите на бензинот и дизелот се веќе изброени, откако голем број на држави од целиот свет се сложија за забрана на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, пишува Car & Driver.

Забраната се однесува само на новите автомобили и ќе стане реалност дури во 2050 година, а одлуката е донесена на Конференцијата на ОН за климатските промени – COP21. Зад забраната застана организацијата за автомобили со нулта емисија ZEV, дел од која е и Германија.

Во организацијата членуваат уште Холандија, Норвешка и Велика Британија, како и неколку американски држави – Калифорнија, Конектикат, Мериленд, Масачусетс, Њујорк, Орегон, и Вермонт.

Целта на оваа мерка е да се намалат емисиите на штетни гасови до 40%, што ќе ги поддржи мерките за справување со климатските промени на глобално ниво.

Иако до 2050 година има многу време, мерката ќе има позитивно влијание врз развојот на алтернативните погонски системи. Голем број на компании веќе ги објавија плановите за преминување кон еколошки погонски системи, а најсветлиот пример е Toyota. Јапонскиот гигант, творец на првите во светот сериски хибридни и водородни автомобили, веќе ја објави својата стратегија Environmental Challenge 2050 plan, која предвидува елиминирање на моделите со конвенционалните агрегати до 2050 година.