Кустурица: Ние христијаните сме на работ на истребување

Емир Кустурица, кој моментално гостува во Ерменија, даде интервју за тамошниот весник „Арменпрес“, каде изјави дека меѓу Србите и Ерменците постојат многу сличности, но и една разлика.

kosturica (1)

-Постои една голема разлика меѓу нас. Вие Ерменците сте обединети, познати сте како народ кој преживеа геноцид и имате држава која е колективен договор на сето она што се случи. Србите имаат поинаква историја. Србите беа изложени на редовни напади, геноцид за кој никој ништо не зборува, но ние Србите не сме обединети и сме претставени како криминалци наместо како жртви, истакна Кустурица за „Арменпрес“.

Тој додаде дека за време на Втората светска војна се убиени 800.000 Срби, но Европа се однесува како тоа да не се случило. Како што вели тој, тие кои што знаат за тој факт го игнорираат, а кога бил во Турција му рекле дека не е добредојден поради неговата поврзаност со Србите.

Емир Кустурица во 2005 година го прифати православството и го зеде името Немања, пишува весникот.

-Моите предвидувања се дека ние христијаните сме на работ на истребувањето. Кога бев крстен, мојата христијанска вера не беше во добра положба, но затоа што верувам во културата, верувам во Бога. Верувам дека тој ни се јавува преку културата, изјави тој.

Кустурица во Ерменија ќе одржи концерт со бендот „The No Smoking Orchestra”.