Бесплатно патување за студентите со просек над 9,5 во Париз, Венеција и Барселона

Државата ќе им обезбеди бесплатно патување со авион во  Париз, Венеција или Барселона на студентите кои студираат на првите три рангирани универзитети во Република Македонија, согласно листата што ја прави Шангајскиот универзитет и имаат просек над 9,5.

Премиерот Никола Груевски појасни дека мерката за студентите, наградно патување за сите оние кои имаат висок просек ќе се реализира од следната година. Ќе има две тури годишно, едната во мај-јуни, а втората во септември, најдоцна почетокот на октомври.

– За оваа мерка деновиве повторно зборувавме на Влада. Усвоивме уште една информација во правец на прецизирање на деталите поврзани со оваа мерка, истакна Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по почетокот на градежните работи на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот „Партизански одреди“ кон општина Ѓорче Петров.

Најави дека мерката почнува од следната година за сите студенти, на првите три рангирани универзитети во Република Македонија, согласно листата што ја прави Шангајскиот универзитет, на секоја втора година. – За сите студенти што имаат просек над 9,5 на првите три рангирани универзитети, државата ќе обезбеди бесплатно патување со авион и ќе го покрие целото патување, вклучувајќи сместување, храна, авионски превоз и се останато што влегува во еден таков аранжман, рече Груевски.

Македонските студенти ќе имаат можност да посетат три дестинации за кои, како што рече, проценивме дека се меѓу најатрактивните за патување на младите, Париз, Венеција и Барселона.

– Тоа е поттик за младите да се борат, да имаат подобар резулат во своето учење. Да акумулираат повеќе знаење и да имаат награда, еден стимул повеќе иако има и многу други стимули кои низ животот ќе им помогнат, ако имаат апсорбирано знаење низ своето високо образование. Ние сакавме да излеземе со уште една понуда за нив, за да ги охрабриме да стекнат повеќе знаења и преку тоа да добијат повисоки оценки и да го добијат ова бесплатно патување, рече Груевски.