Француска музичка инвестиција во општина Гази Баба

Договорот за изградба на културен центар и музичко студио за продукција на филмска музика и договор за  продажба на државно градежно земјиште во општина Гази Баба денеска го потпишаа градоначалникот Тони Трајковски и претставниците на Фамес Oде Насеу Маупас и Лорент Копиц.

Согласно договорот планирано е да се изградат два објекта – културен дом со површина од 543 метри квадратни и музичко студио со површина од 1.194 метри квадратни на локацијата каде се наоѓа културниот дом во населбата Автокоманда.

На настанот присуствуваа премиерот Никола Груевски, министрите за култура и за странски инвестиции,  Елизабета Канческа Милевска и Бил Павлески, како и француската амбасадоркаЛоренс Оер.

– Компанијата повеќе години наназад е присутна во Македонија и со снимање филмска и друга оркестарска музика веќе е етаблирана во светската филмска индустрија. Многу музички траки компонирани и создадени во Македонија во изминатиот период станаа подлога и составен дел на бројни холивудски филмови и реклами во светски рамки. Присуството на Фамес во земјава во изминатите години донесе одлична соработка со  Македонската филхармонија, со Македонската опера и балет и со многу уметници, музичари и монатажери од нашата земја, рече Груевски.

Нагласи дека со инвестирањето во новото музичко студио за снимање филмска музика, какво што ретко се наоѓа во регионот на Балканот, соработката дополнително ќе се продлабочи, ќе се интензивира и ќе овозможи подолгорочен ангажман на повеќе од 100 македонски уметници.

– На тој начин овој проект ќе биде од особено значење за македонските музичари и развој на македонската музичка продукција. Проектот воедно е во целосна корелација и со напорите на Владата за развој на филмската дејност во Македонија и интензивирање на филмските проекти од секаков аспект. Токму благодарение на таквата интенција во изминатиот период евидентно е зголемен обемот на филмска продукција во Македонија, како од домашни, така и од странски филмски компании, потенцира Груевски.

Искажа верба дека новото музичко студио ќе биде чекор напред во развојот на имиџот на Македонија како земја во која може да се најдат партнери и соработка на  многу полиња во филмската индустрија.

Додаде дека новиот објект во Гази Баба во прв ред ќе биде од значење за жителите од општината кои на местото на стариот културен дом ќе добијат најсовремен и модерен објект во кој ќе функционира новата библиотека, театар и новиот културен дом на општината.

– Со тоа општина Гази Баба решава едно долгорочно прашање на интересен и уникатен начин со изградба на корисен и урбан објект. Овој објект освен што ќе ја краси општината ќе биде и од особено функционално значење за културните потреби на жителите на Гази Баба, потенцира Груевски.

Градоначалникот Трајковски изградбата на новиот културен центар ја оцени како пример на заедничка соработка помеѓу општината и приватен партнер со заедничка цел поддршка и промоција на културата.

– Со изградба на културниот дом добиваме простор во кој ќе можат да се одржуваат разни манифестации, театарски претстави, филмски проекции, поетски читања, изложби и слично. Дел од просторот ќе биде искористен и за библиотека, рече градоначалникот Трајковски.

Претставниците на Фамес посочија дека пред осум години го започнале создавањето на симфонискиот оркестар во Македонија кој е наменет за создавање на музички проекти во Скопје.

– Нашиот проект претставува културен, но и економски проект кој вклучува стотина музичари од Македонија. Имавме привилегија да работиме на повеќе од 800 музички проекти наменети за филмска музика, телевизија, видео игри, класична музика,… рече Копиц, нагласувајќи дека соработувале со продукциските куќи Универзал  мјузик, Дизни, Сони…

Потенцира дека оркестарот Фамес во Скопје се вика француски, а насекаде во светот е познат како Симфонискиот оркестар од Македонија.

Министерот за привлекување странски инвестиции Павлевски посочи дека реализацијата на гринфилд  инвестицијата на Фамес во Гази Баба покажува дека странските инвеститори не доаѓаат во земјава само поради поволниот даночен систем и конкуретните цени на пазарот на трудот, туку и поради човечкиот потенцијал.

– Во изминатиот период како резултат на владините политики за привлекување на странски инвестиции привлековме голем број на производствени компании особено од автомобилската индустрија. Денеска промовираме инвестициски проект на француска компанија која е активна во доменот на снимање на оркестарска музика за светската филмска продукција и други видови продукции, рече Павлески.

Истакна дека Фамес е неколку години присутна и активна во Македонија и функционира во склоп на МРТВ, а реализацијата на новиот гринфилд проект се наметнала поради зголемениот обем на работа и потребата за самостојно функционирање на компанијата. Додаде дека од компанијата разгледувале неколку можни локации во други земји, но како резултат на одличната соработка со македонските институции и поддршката од Владата донеле одлука проектот да се реализира во Скопје.

Очекува компании од слична дејност да покажат интерес за Македонија и земјава во блиска иднина да стане центар за продукција и пост продукција на филмска музика и на филмови.

Министерката за култура Канческа Милевска посочи дека оваа продуцентска куќа речиси една деценија од Македонија ја гради својата интернационална кариера како музички продуцент на огромен број светски филмски остварувања.

– Во оркестарот Фаимс членуваат истакнати уметници од наши оркестри, од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет кои досега снимија над 800 интернационални проекти и филмови во кои главните улоги ги толкуваат големите холивудски ѕвезди, македонски филмови, музика за телевизиски серии и документарни филмови. За изведбата на музиката  на филмот „Хемингвеј и Гелхорн“ оркестарот „Фамес“ и нашите музичари се добитници на престижната награда „ЕМИ“ за најдобра музика на филм за 2012 година, истакна министерката за култура.

Додаде дека е уверена оти во новиот и модерен објект кој ќе содржи современи музички студија во иднина ќе се продуцира музика за уште многу големи филмски проекти кои ќе ги прослават креативните потенцијали на нашите уметници ширум светот.

Француската амбасадорка Оер, истакна дека оваа инвестиција е во сектор кој, како што истакна, е сектор на иднината што ќе го носи далеку гласот за Македонија. Тоа во истовреме, сметаа Оер, е можност и за македонските музичари кои се исклучително квалитетни да  работат на големи музички остварувања.