„Требаше да се случи Париз за некој да признае дека во Куманово имаше тероризам“

Живееме во исклучително тензично време од безбедносен аспект и во Европа и во Македонија. Но не смееме да потклекнеме ниту ниту да бегаме од ваквите закани. Треба внимателно да ги третираме и да одиме напред, вели премиерот Никола Груевски во интревју за „Прес24“.

– Земете ја само оваа година од аспект на тероризам во светот и видете што се се случува во Париз, Лондон, Брисел, Америка, Африка итн. Земете ја и Македонија ако сакате оваа година. Во оваа година имавме напад на полициската станица Гошинце, две бомби до полициски станици во Тетово и во Куманово, па големиот терористички напад во Куманово во кој 8 полицајци загинаа и голем дел беа ранети во 30 часовна немилосрдна битка со добро наоружана криминално терористичка групација, бомба во дворот на потпретседателот на Владата Џафери, бомба во дворот на заменик директорот на УБК, јавна преку соопштение закана на т.н. ОНА до мене и Сашо Мијалков и нашите семејства, граната врз Владата во време кога држиме седница на Владата, граната во близина на местото каде живее Сашо Мијалков, уапсени голем број домашни припадници на ИСИС во Македонија, и отворените јавни најави кои дојдоа од нивните следбеници кон Македонија и особено кон раководството на државата, посочува Груевски.

Според него, потребен е заеднички и здружен одговор во борбата против тероризмот и не смее заканите да го променат животот до таа мера за да се парализираат сите активности. Но, нагласува Груевски, не смеат ваквите закани ниту да се потценат.

Коментирајќи ги случувањата во Дива населба во Куманово, премиерот Груевски рече дека по случувањата во Париз, на многу наши граѓани им е јасно што можеше да се случи во Македонија и оти македонските полицајци спасија многу животи за што треба да им бидеме благодарни.

– Посебна почит и длабока благодарност мора да се има и да се одржува, а не да се заборави кон полицајците кои ги загубија животите и семејствата на осумте херои. Тоа не смееме да го заборавиме. Но од друга страна не смее Париз да се случи, за ние да сфатиме, а во меѓувреме тука очи да си вадиме едни со други, за овој настан. Го гледам лидерот на опозицијата со својата изјава во Словенија која е спротивна од она што го говореше додека траеше акцијата и по неа. Кога ќе се сетам само на целата црна кампања тој ден дека било наместено, дека загинало 3-годишно девојче, што секако беше лага, сите бесрамни лаги и клеветнички изјави. Мислам дека Заев правилно постапи со изјавата во Словенија. Тоа што менува изјави и ставови не е добра карактеристика и сигурно уште неколку пати ќе смени понатаму, но со изјавата во Словенија мислам дека правилно постапи, вели премиерот Груевски.