Три чудни знаци кои укажуваат дека можеби сте го прележале коронавирусот

Медицинското списание „Lancet“ објави збирни резултати од студии за последиците на коронавирусот, а во текстот се наведуваат и симптоми кои излекуваните од коронавирус ги чувствуваат со недели, па и месеци по лекувањето.

„Lancet“ наведува вкупно 9 симптоми кај испитаниците кои имале средно тешка и тешка клиничка слика, а многу од нив биле и хоспитализирани. Како што се наведува во студијата, 3/4 од нив имале најмалку еден од следните симптоми, дури и 6 месеци по акутната фаза од болеста.

Дури 26 отсто од испитаниците имале проблеми со спиењето, несоница или потешкотии да заспијат, што е сериозен проблем бидејќи квалитетниот и редовен сон е еден од клучните начини на закрепнување на телото, а ваквите долгорочни симптоми сметаат и го забавуваат закрепнувањето.

Понатаму, депресија и анксиозност пријавиле 23 отсто од испитаниците.

„Ова се чести последици од хроничните болести бидејќи лицето има впечаток дека неговото тело го предало, дека не може да предвиди што ќе се случува понатаму ниту да го препознае сопствениот организам. Тоа предизвикува анксиозност, лоша концентрација, проблеми со спиењето, кошмари и грижи. Болеста често нè изолира и од нашиот систем на поддршка, па со овие чувства мораме сами да се справуваме. Анксиозноста во потешки облици може да доведе и до панични напади“, вели Теса Милер, авторка на книгата „What Doesn’t Kill You: A Life with Chronic Illness – Lessons from a Body in Revolt“.

Исто така, 9 отсто од испитаниците пријавиле болка во зглобовите, што е честа појава при воспалителни процеси во телото.

„Воспаленијата го напаѓаат ткивото на зглобовите, предизвикуваат отоци, таложење на течности, оштетување на мускулите и други проблеми“, објаснува ортопедскиот хирург, д-р Кристофер Траверс.

Студијата опфатила и досега познати симптоми како слабост во мускулите, умор, краток здив, губење на сетилото за мирис и вкус како и опаѓање на косата. Меѓутоа, трите горенаведени симптоми особено се издвојуваат во текстот бидејќи досега не ги пријавиле многу лица.