Денес, неговиот црвен „тен“ опфаќа 43.000 ударни кратери поголеми од 5 километри. Овие кратери се шират на оваа далечна планета како пеги на нашето лице – на некои места има повеќе, а на други помалку.

Астрономите забележале мистериозен троен кратер во таков регион, планините Ноахис Тера,што биле бомбардирани пред 4 милијарди години. Тоа е мал кратер што може да заостанува зад големината на некои други кратери во областа (што можат да бидат со дијаметар од 140 километри), но се одликува со необичен изглед.

Имено, тројните кратери се многу ретка појава и сè уште не е сосема јасно како се формираат.

Леталото Mars Express на ЕСА неодамна сними троен кратер на црвената планета лоциран источно од попознатата депресија наречена Ле Вериер (со дијаметар од скоро 140 километри). Оваа тројна пега се состои од три кратери, најмалиот е со големина од 28 км, а најголемиот со 45, пишува ЕСА.

Како може да се формира таква тројна депресија? Едно можно објаснување, кое исто така се смета за најверојатно, е дека телото што ја погодило површината на Марс се распаднало на три дела пред да удри и така ја создало оваа форма. Но, проблемот е во тоа што ваквите повеќекратни удари обично немаат толку јасни и уредни линии и обично оставаат зад себе издолжени корита, вдлабнатини кои не се кружни и лежат многу блиску еден до друг, или базени кои само делумно се преклопуваат.

Друго објаснување би можело да биде дека ова е неверојатна случајност. Имено, површината на Марс можела да биде погодена од три одделни објекти на исто место во различно време, создавајќи ја оваа интересна појава со текот на времето.

Во случај на фрагментиран удар кој во еден момент создал троен кратер, тоа може да значи дека атмосферата во оваа планинска област била многу погуста во минатото отколку сега, или дека раниот Марс бил далеку потопла и повлажна планета што е драстично различно од ова што го гледаме денес.

Како и многу други древни кратери во јужниот дел на Марс, и овие три имаат зарамнети рабови, плитко дно и се исполнети со талог. Научниците забележале и докази кои сугерираат на постоење на мраз. Трагите се видливи на најмалиот кратер, кои обично се создаваат од ледени фрагменти при патување по површината. Овие геолошки траги потсетуваат на оние формирани по движењето на мешавина од мраз и карпи на Алпите.

Интересно, и покрај претежно бомбардираната површина на планините Ноахис Тера, областа околу тројниот кратер е изненадувачки чиста и мазна. Само неколку мали кратери околу нив имаат јасни, остро дефинирани рабови и вдлабнатини, што укажува на тоа дека тие се формирале неодамна и сè уште не започнале посериозно да еродираат. Постарите кратери во оваа област се чини дека се споиле со површината, а причина за тоа би можело да биде движењето на подземниот мраз.

Имено, како што мразот, кој се наоѓа веднаш под површината на Марс, се движи и топи многу милиони години, земјата станува помека. Омекнатата почва богата со мраз се спушта побрзо и дупките побрзо се пополнуваат, што може да го објасни непречениот изглед на овој дел од Ноахис Тера.

Ова укажува на тоа дека можеби имало голема количина вода на Марс во древно време, барем за време на периодот Ноачија. Научниците веруваат дека овој геолошки период на Марс се карактеризира со високи стапки на удари на метеорити и астероиди и можно присуство на изобилство на површинска вода, според Science Alert.