Можно е апсење на припадници на УЧК и во Албанија

Налози за апсење од Хашкиот трибунал може да бидат издадени и за албански државјани кои живеат во Албанија, јави Топ чанел телевизија.

Дипломатски извор добро упатен со развојот на настаните во овој случај, за новинарот на Топ Чанел Мухамед Велиу изјавил дека последните апсења на поранешни високи лидери на ОВК на Косово се само почеток на долгиот бран апсења на луѓе, кои ќе мора да се соочат со воени злосторства.

-За време на косовската војна албанската држава,на нејзина територија дозволи подигање на затвори на ОВК, каде што е докажано дека се случиле злосторства. Затоа постои голема веројатност, специјалните обвинители да ги продолжат апсењата на одговорни лица во Албанија, изјавил дипломатскиот извор.

Според телевизијата во целосниот документ за обвинение, познат како Анекс 3, објавен вчера од Специјалниот суд во Хаг, покрај затворите на ОВК во Косово, се наведуваат и три затвори на територијата на Албанија, во Кукс, Хас и кај Тропоја, каде обвинителите велат дека се извршени воени злосторства.

Овие затвори на албанска територија, покрај војниците на ОВК, ги чувале и албански граѓани од северните области кои се приклучиле кон ОВК.

– Ако обвинителите сакаат да апсат албански државјани, тогаш ќе бидеме пред сценариото за обврска на Албанија да прифати продолжување на дејноста на овој суд на територијата на Република Албанија,наведува телевизијата.

Додава дека постојат неофицијални податоци дека хашките обвинители во истражното досие имаат одлука на албанската влада од 1998 година, потпишана од сите тогашни министри, за вооружување на ОВК и давање на користење на бази за заднински цели во североисточниот дела Албанија.

-Ова е воедно и најпроблематичниот дел кој ја вклучува Албанија во оваа истрага затоа што со одлуката на владата од тоа време беа дозволени олеснувања за ОВК од снабдување со оружје и обезбедување кампови за обука, одобрила отворање на три затвори каде, според обвинителите, од тортурата починале многу лица,наведува Топ чанел.