1000 поклоници на Литургија на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски (ВИДЕО)

Божествената благодат од Таворската светлина, доживеана и искусена онаму каде што се допираат небото и земјата, е посебен дар одозгора. Човекот и созданието стануваат блиски со нивниот Создател, се соединуваат со Оној Кој дејствува во срцата и ги допира на еден посебен и таинствен начин, правејќи од нив сад во кој Он штедро ја излева Својата безгранична љубов. Навистина нема поубаво нешто од тоа да се стане едно со Бога, нема позначајно нешто од тоа да се живее духовната слобода во Христа, која принесува богат плод во душата човечка.

Денешната петта јубилејна Литургија на врвот на Голем Крчин (2341 м.), по Божја промисла соединета со илјадагодишнината од основањето на Свештената Бигорска Обител, одново привлече голем број народ, кои соединети во една мисла, срце и ум, верно стоеја пред возвишениот крст, барајќи благослов од Бога за нив и за нивните ближни. Во чест на овој голем Јубилеј, повеќе од 1000 верници – планинари, алпинисти, спортисти…, вклучително и неколку од Србија кои допатуваа специјално за овој настан, направија досега невиден подвиг, покажувајќи огромна љубов, духовна радост и почит кон делото на нашата Обител, која веќе десет века е силен спроводник на Преображенската светлина во срцата на нашиот народ. Нивните насмевки беа најголемото сведоштво за примената благодат, а преку восхитот во нивните срца ја изразуваа благодарноста кон нашиот старец и игумен, Владиката Партениј, кој им овозможи учество во еден ваков необичен настан и доживување.

Убавините од благодатното собитие на преубавиот Крчин ги сподели со нас и амбасадорот на ЕУ во Македонија, г. Самуел Жбогар.

Како монашко братство и сестринство, им должиме голема благодарност на пожртвуваните членови на Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и на членовите на Црвениот крст од Битола, кои и оваа година, со верна љубов кон нашиот Старец и игумен, владиката Партениј, но и почит кон секоја личност, максимално се потрудија да одговорат на својата навистина тешка задача, трудејќи се да ја сочуваат безбедноста на рутата. Од особено значење беше и учеството на водичите од Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност, поддршка и несебична љубов кон секого, беа вистинска поткрепа кон добрата организација на овој настан. Искрено им благодариме и Го молиме премилостивиот Господ да ги исполни нивните срца со небесна радост и да го умножи плодот од нивните трудови, та секогаш да бидат исполнети со божествена сила, која насушно им е потребна во предизвиците со кои постојано се среќаваат.

Бог нека ја чува, утврдува и пази и нашата Бигорска Обител, за таа да го продолжи своето евангелско дело до крајот на сите векови! Амин.

извор: bigorski.mk

Искачување на врвот Голем Крчин (2.341 м.н.в.) – лето Господово 2020