ПОВЕЌЕ КУЌИ ОД ЛУЃЕ: Вратница со 500 куќи и 300 жители, сточарството го замени со туризам

Селото Вратница е едно од оние рурални места во кои веќе одамна луѓето егзистенцијата не ја обезбедуваат преку сточарството и земјоделството, па тоа се прави на сосема друг начин.

Она што Вратница и тамошниот атар го имаат како потенцијал е живописен предел богат со природна разноликост и убавина што на жителите им дава можност да развијат планински и рурален туризам.

Токму богатата природа како планинските ливади била добра основа во минатато за чување добиток, па Вратница важела за сточарски крај. Но слабата исплатливост и мачната работа со добитокот е причина многумина да се откажат од оваа дејност.

– Во Вратница сега има само едно семејство со едно стадо од стотина овци, крава нема ниедна. Со добиток одамна никој не се занимава и на тој начин да обезбедува егзистенција, туку само имаат пример по едно прасе или десетина кокошки за сопствени потреби. Професионално никој не се занимава со земјоделство или сточарство, иако пред 50-60 години чувањето добиток било главна преокупација и Вратница се сметала за сточарски крај. Со текот на годините се напуштало сточарството, за кое како што се вели од постарите во поговорка „жива стока – жива мака“, што значи многу е мачна таа работа, објаснува Живе Ќироски, жител на Вратница.

Тој објаснува дека и земјоделското земјиште таму не е толку плодно како во другите места низ Полошката Котлина.

– Различно е да се работи земјоделство тука или на пример во областа Поселие. Таму има плодно земјиште, има род. Не треба многу вадење, кај нас е црвеника земјата, неквалитетно земјиште, не дава ни квалитет ни квантитет. Голем проблем за земјоделството е тоа што нема големи парцели, сè тоа е раситнето. Најголемата нива е 2.000 квадрати најмногу. Земјоделството ако не го работиш професионално со соодветна механизација, нема ефект. Неповолните состојби за занимавање со сточарство и земјоделство уште со децении наназад се причина за иселување на вратничани, пред сè во Америка, објаснува Ќироски.

Драгиша Јововски е меѓу ретките млади луѓе што останал во селото и нашол можност на поинаков начин да егзистира. Неговата куќа е претворена во хостел, па е фокусиран на потенцијалите за развој на планинско-рурален туризам. Пред да биде состојбата со коронавирусот, неговиот хостел беше постојано посетуван од странци.

– Јас започнав со туристи да се занимавам уште од 2005 година, ги водев на планински искачувања до врвот Љуботен, ги носев на лов, да возат велосипеди и слични активности, сè што е поврзано со планина, како јавање коњи и слично. Хостелот го имам веќе четири години. Истите тие туристи освен што сакаа да поминат неколку дена на планина, сакаа и да преноќат во овој амбиент и така дојдов на идеја да нудам преноќувања во мојата куќа, која е адаптирана сега во сместувачки капацитет, рече Јововски.

 

Традиција на одржување туризам Вратница има уште од 1960-тите години. Тогаш е изграден мотелот на земјоделската задруга Љуботен. Тој сместувачки капацитет претставува меѓу првите од таков тип во Македонија, имал и базен, како и можност за кампување. Како угостителско-сместувачки капацитет работел до 2001 година, кога бил пренаменет во полициска станица. Потоа е приватизиран, но сега веќе не работи.

Вратница има околу 500 куќи, но во селото живеат само околу 300 луѓе. Куќите во кои никој не живее се можност за отворање угостителски објекти и сместувачки капацитети, за што постојат такви иницијативи. Но сега сè е во исчекување како ќе се развива состојбата наметната од коронавирусот.

– Голем број куќи се на иселеници во Америка, но има и луѓе што живеат во македонските и градови во други околни земји. Токму овие објекти се потенцијал за нови сместувачки капацитети и ресторани, кои ќе понудат различна местоположба на над 800 метри надморска височина, што подразбира чист воздух, квалитетна вода за пиење и богата природа. Голем број тетовци и скопјани дури и сакаат да купат објект за да имаат викендички во селото, што за нив претставува спој на мирна и чиста средина. Заинтересирани има за купување куќи и плацови затоа што има такви што сакаат и да живеат, сакаат луѓето мир, чист воздух и природа, нешто што веќе во градовите го нема, вели Мирослав Кировски, претседател на месната заедница.

– Има повеќе иницијативи за отворање нов ресторан и сместувачки капацитет во една од тие куќи. Воедно ние го имаме и Вратничко Езеро, што исто така е голем потенцијал за развој на туризам. Тоа сега претставува место што е масовно посетувано за излети. Реката Ракита има убав голем кањон, што е уште една атракција. Манастирот „Свети Константин и Елена“ има површина од 2,5 хектари, каде што сега има три летниковци за излети, а за кој имаме урбанистички план за отворање ресторан, детски игралишта, викенд-зона во шумата. Тоа е одлично место под дабова шума, вели Живе Ќироски.

Во близина на Вратница е и месноста Сенокос, а постојат и четири археолошки наоѓалишта. Во селото постојат четири цркви. Од Тетово е оддалечено 22 километри. Од 1996 до 2004 постоеше и Општина Вратница, која сега е припоена на Општина Јегуновце.

Александар Самарџиев за МИА