На семеен настан во Чаир со корнавирусот се заразиле околу 20 лица

Се уште се прави анализата за тоа во кои скопски општини има заразени лица од корона вирус, и кога ќе биде готова, ќе биде споделена со јавноста, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На новинарско прашање за тоа дали се очекува да има нови жаришта со Ковид-19, кои општини се потенцијални и од кои причини би можело да се доведе до нов бран со корона вирусот, Филипче наведе дека последната голема изолирана бројка била во Општина Чаир, истакнувајќи дека нема непредвидлив ризик и оти сите заболени се во рамки на познатите кластери.

Последната голема изолирана бројка беше од скопската Општина Чаир, дваесетина лица, во врска со семеен настан, меѓутоа тука се веќе сите лица коишто покажаа симптоми. Друго место во коешто имаме еден таков одреден ризик е Тетово и околината на градот. И тоа е нешто што го имавме во предвид, го дискутиравме утрово на состанокот и во текот на утрешниот ден ќе оди на дополнителен увид и помош од страна на колегите и специјалисти од областа на инфективната медицина. Нема нешто кое што е непредвидлив ризик, сега засега, имајќи предвид дека и во Тетово огромен број од новодијагностицираните беа од познати заболени. Значи се е во рамките на тие кластери, блискиот респираторен контакт од внатре во еден кластер или меѓу веќе познати кластери, изјави Филипче.