Драги мои сограѓани, не наседнувајте на заговорите, никој нема да ве заштити

Драги мои сограѓани од Тетово, чувствувам потреба да Ви се обратам по последен пат со оглед дека сум дел од Вас и имам преголема љубов за целиот наш крај и со оглед дека во континуитет гледам дека сте во заблуда дека овој вирус е шега и дека предизвикува мала настинка, пишува доктор Владимир Аврамоски, кој важи за еден од најдобрите во земјава, а работи на Клиниката за гастроентерохепатологија.

Иако сте препуштени сами на себе со своите одлуки како понатаму, ќе Ве замолам пак во следново:

1. Гледајте да ги сведете контактите на неопходен минимум и поради неодложни потреби, под услов да Вие и тие околу Вас се заштитени со маски, со запазување на физичката дистанца од 2 метра во затворени простори (маркети и други индустриски погони)

2. Практицирајте посети во природа и на отворено и без групирање и пак на безбедна дистанца

3. Од оваа опака болест умираат стари лица со бројни други заболувања, но и помлади лица кои се гојазни!

4. Практицирајте диета (здрава исхрана) и секојдневно вежбање во домашни услови (орбитрек) или надвор на безбедна дистанца

5. Доколку било кој од Вас се случи да испадне позитивен на SARS-CoV-2, седнете и одвоите пар минути добро да размислите и да напишете каде сте се движеле и со кого сте контактирале последните недела дена, а тоа да им го предадете на епидемиолошките служби!

6. Избегнувајте ги маркетите и пиљарите каде вработените не носат маски над нос и над уста

7. Почитувајте ја природата!

8. Никој нема да Ве заштити, ако сами Вие на размислувате со своја глава

9. Немојте да наседнувате на теории на заговор и слаткоречивост од луѓе кои не ја пратат науката, само науката може да не извади од оваа каша!

10. Вирусот се пренесува преку микро и макроаерокапки кои се продуцираат при говорење или гласно смеење и се разбира при кивање и кашлање од секој оној кој е заразен и е во ваша непосредна близина, а потоа паѓа (седиментира) на подот за 10-15 минути.

11. Перете раце најмалку 20 секунди, секогаш пред да се чепнете за нос или уста откако ќе се вратите од маркет, а кога сте во затворен маркет не ја чепкајте маската од предната страна!

12. Не заборавајте дека најмалку 50% од заразените немаат ама баш никакви симптоми, а тоа може да биде секој од нас околу и во исто време да ја пренесе заразата на свој близок пријател, татко и мајка и други роднини!

13. Овој вирус е новоидентификуван вирус за кој нашата популација нема претходно стекнат имунитет и сеуште се работи на откривање на сите негови тајни…

14. НАЈБИТНО: Немојте да се плашите доколку сето ова го апсолвирате и практицирате!

15. Светот и научната јавност забрзано работи на изнаоѓање на лек, само треба да бидеме умни и да го предухитриме со истрајност и упорност со одлична војничка организација и дисциплина!