24 СТОРИЈА: МИЛОШ НАМЕСТО СО МАГАРЕ, ГОДИНАВА НА УЧИЛИШТЕ СО ТРАКТОР – ДРЖАВАТА ИАКО ВЕТИ, НЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ

„Детето со сонце во очите“ – вака го нарече јавноста Милош од Живиње, чија приказна ги мобилизираше и хуманитарците и надлежните. Сликата од деветгодишното момче, кое родено со срцева маана, a секојдневно со часови пешачи до школо или оди со магаре, предизвика лавина од посети, донации, но и политички ветувања.

Сепак, се застана тука.

Го посетивме за зимскиот распуст. Во малата просторија во која крпат живот со неговото семејство, не пречекаа како домаќини. Милош ни читаше песни кои од понеделник ќе треба да ги рецитира на училиште, а тогаш почнуваат и неговите предизвици. Речиси една година по сторијата на Тв24, државата не најде трајно решение за децата од Живиње кои немаат школски превоз. Па ова полугодие, Милош има ново превозно средство.

„Кога е невреме…лошо кога врне…таму си седи во приколчето на тракторот…Има таму сунѓери и така..си има фотелја си седи..јас имам шушкавни едни пантолони да не ме врне..а тој си седи внатре…” – вели неговиот татко Трајан.

Како Милош има уште две деца во ова село кои ја делат истата мака. Државата нашла решение, да им дава паричен надомест за гориво, иако двете семејства немаат автомобил.

Министерството за образование остана глуво на нашите прашања. Градоначалниците пак, кои ги делат ингеренциите ова село, имаат различни ставови. Првиот човек на Општина Петровец уверува дека работат на трајно решение.

„Така е и договорено со Максим, јас да ги закрпам трите дупки од Сушица до Живиње, а тој да им обезбеди превоз. Како ќе го реши тоа, дали со друго возило некое, дали ќе отвори тендер што е најисправно и дали некој ќе се нафати за три деца да оди до Живиње и назад..тоа ќе остане да видидиме..а од хуман аспект треба да им се обезбеди превоз…“ – вели Борче Митевски – градоначалник на Општина Петровец.

Градоначалникот на Куманово пак, не е запознаен со оваа идеја – според него за трајно решение требаат законски измени.

„За трајно решение потребно е да се набави теренско возило и возач кој ќе ги транспортира децата до училиштето, но за жал постоечкиот закон за организирање на транспорт не дозволува таква финансиска рамка. Сметам дека е потребно итна измена на законот кој ги регулира и ваквите случаи во специфичните рурални средини, а до тогаш училиштата и општините ќе мораат да импровизираат и свесно да го кршат законот, сакајќи да најдат соодветно решение.“ – вели Максим Димитриевски.

А кога државата си зема слобода да ги крши сопствените закони и да се задоволува со импровизации – што остана за другите?!

ВИДЕО НА 24.mk