Научно докажано: Честичките од загадениот воздух можат да предизвикаат рак на мозокот

Едно ново истражување првпат ги поврза наночестичките од загадениот воздух со карциномот на мозокот.

Ултраситните честички (УФП) се создаваат со согорување гориво, особено кај дизел-возилата, а поголемата изложеност значително ги зголемува шансите луѓето да добијат смртоносен карцином. Претходната работа покажа дека наночестичките можат да влезат во мозокот и дека можат да носат канцерогени хемикалии, вели Гардијан.

Ракот на мозокот е редок, а научниците пресметале дека зголемувањето на изложеноста на загадување, на пример, кога се селите од мирна градска улица во улица со густ сообраќај, доведува до плус еден случај на карцином на мозокот на секои изложени 100.000 лица.

„Ризиците од животната средина како што е загаденоста на воздухот не се големи по обем – но се важни затоа што сите во популацијата се изложени“, вели Скот Вајхентал од универзитетот Мекгил во Канада, кој го водел истражувањето. „Значи, кога ќе ги помножите овие мали ризици со голем број луѓе, одеднаш може да има многу случаи. Во еден голем град, тоа би можело да биде значаен број, особено ако се земе предвид фактот дека овие тумори често се фатални“.

Во истражувањето биле анализирани медицинските записи и изложеноста на загадување на 1,9 милиони возрасни Канаѓани од 1991 до 2016 година. Ваквите големи студии даваат цврсти докази, иако не и причинско-последична врска. Вајхентал вели дека поврзаноста што се гледа помеѓу ракот на мозокот и наночестичките е „изненадувачки постојана“, но бидејќи ова е прва студија, важно е другите истражувачи да продолжат да истражуваат.

Огромното количество токсични наночестички од загадениот воздух во човечките мозоци беше откриено во 2016 година. Во еден сеопфатен глобален преглед претходно во 2019 година беше заклучено дека загадениот воздух може да му наштети на секој орган и буквално на секоја клетка во човечкото тело.

Токсичниот воздух е поврзан и со други ефекти врз мозокот, вклучително и огромни намалувања на интелигенцијата, деменција и проблеми со менталното здравје и кај возрасни и кај деца. Светската здравствена организација соопшти дека загадувањето на воздухот е „тивок здравствен аларм“.

Новата студија, објавена во списанието Епидемиологија, покажа дека едногодишното зголемување на изложеноста на загадување од 10.000 наночестички на кубен сантиметар – што е приближната разлика помеѓу една мирна градска улица и улица со густ сообраќај – го зголемува ризикот од карцином на мозокот за повеќе од 10%.

Вајхентал вели дека ги избегнува многу загадените улици кога пешачи или вози велосипед. „На индивидуално ниво, секогаш е добра идеја да се намали изложеноста на загадувачите. Но поважните активности се на регулаторно ниво, каде што можете да преземете мерки што ја намалуваат изложеноста на сите луѓе – токму таму добивате реални придобивки.“