Маја Трпковска: Ме приведоа затоа што извикував Македонија покрај возилата на НАТО (ВИДЕО)

Заедно со Нестор Огинар и со уште едно лице поминувавме покрај воените возила на НАТО во ценатрот на Скопје и извикувавме „Македонија, Македонија”. Дојдоа полицајци и нѐ приведоа во полициската станица кај БЕКО, изјави Маја Трпковска, мајката на убиениот Пино, по неколкучасовниот престој во станицата. Од МВР велат дека лицата биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир.

Ова е диктатура, изјави Трпковска, мајка на убиениот Пино Секондо.

„Ме качија во комбе и ме однесоа во полициската станица БЕКО. Не сакаа да ми ја признаат италијанската лична карта која ја приложив за да се идентификувам. Мислеа да ме задржат, но откако дојде група на луѓе за поддршка пред полциската станица, решија да нѐ ослободат. Констатираа дека нема кривично дело за кое може да не гонат или да сме сториле прекршување на законот”, вели Трпковска. Таа потенцира дека не е од здружението Бојкотирам, дека не е член на ВМРО-ДПМНЕ, дека не е член на ниту една партија, ама не сака македонските деца да станат топовско месо во идните операции на НАТО.

Од МВР вчера потврдија дека Трпковска, заедно Нестор Огинар и Д.Д. од иницијативата „Бојкотирам” биле приведени во полициската станица поради нарушување на јавниот ред и мир, додека на плоштадот во Скопје се изведувала НАТО вежбата „Одлучен удар”.

Од МВР велат дека трите лица го нарушиле јавниот ред и мир и не почитувале наредба на полициски службеници, односно ја попречувале полицијата во извршување на службени дејства. Лицата се приведени и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, велат од МВР.

Од МВР велат дека лицата се приведени откако го нарушиле јавниот ред и мир на манифестацијата поврзана со вежбата „Одлучен удар“, што се одржа во центарот на Скопје.

МВР соопшти дека се работи за Н.О, М.Т и Д.Д. Тие ја попречувале полицијата во извршување службени дејства за време на настанот, не почитувајќи наредба на полициски службеници.

Маја Трпковска со месеци изразуваше незадоволство од одделот за потраги во МВР, откако нејзиниот син исчезна во декември минатата година, а немаше никаков напредок во истрагата за тоа каде тој се наоѓа. Неколку месеци подоцна остатоците од телото на убиениот Пино Секондо беше пронајдени од случаен минувач.

.