Ниами: Не можам да поверувам дека премиерот на државава нема ниту еден салам човек во своето опкружување да му објасни што е тоа достоинство

Премиерот да покаже малку достоинство, бара славистот и доктор на филолошки науки Емил Ниами кој во текст насловен „Секси девојка“ или „курва“ признава дека гласал за Заев но не не верувал дека ова може да и се случува на Македонија, власта и на Заев.

“Никогаш во животот не ми паднало на ум Зоран Заев да го наречам Зајко. Сепак, така го викаат неговите коалициски партнери, многу негови блиски соработници и поддржувачи – ова го имам слушнато лично од нивните усти.

Сум слушнал и многу потсмевања на негова сметка.

Но, токму тие, не знам како да ги наречам освен подлизурковци, во пошироката јавност излегуваат и го бранат на секој можен чекор, во секој поглед и во секоја пригода.

И јас гласав за Заев. Првата причина е да си замине мафијата на Груевски, неговиот братучед и нивниот најголем коалициски партнер. Второ, за момент поверував дека ова општество ќе се професионализира, дека тогашната опозиција се опаметила, седејќи 11 години на спротивната страна.

Мислев дека во текот на 11 години нешто анализирала, подготвила, научила на грешките. Но, сум се прелажал. Паланечкиот дух надвладеа. Се собраа јатаци, комшии и комшики, пејачки и писарчиња, фризерки, угнетувачи на работници… И повторно сме на истото”, вели Ниами кој смета дека изјавата на Заев за сејсипилноста на ЕУ е сексистичка.

„Туку, поентата ми беше друга. Едноставно не можам да поверувам дека премиерот на државава нема ниту еден салам човек во своето опкружување да му објасни што е тоа бон-тон и што е тоа достоинство.

Бакнувањето на пенкалото е многу мачна и понизна слика од современата историја. Но, уште пострашно и попонижувачко е премиерот да ја нарекува „секси девојка“ заедницата кон која тежнее.

Згора на тоа е сексистички. Премиеру, покажете малку достоинство, малку самоуважување, та не сте Миле Паника! Вам можеби ви е смешно и симпатично, но помислете и на тоа дека Вие сте репрезент на целиот народ, кој не се чувствува пријатно со ваквите Ваши изјави”, заклучува Ниами поранешен гласач на Заев.