Со камен на вратот ја фрлија во морските длабочини, но Ангелите Божји ја изнесоа жива на брегот – денеска се празнува оваа света маченичка

Во времето на царот Максимијан, во Кесарија Палестинска стоеја еден ден пред преторијата мнозина врзани христијани. Оваа благочестива девица Теодосија им пристапи и ги фалеше и ги храбреше за маченичката смрт. Кога ја слушнаа што зборува, војниците ја одведоа и нејзе пред судијата. Разјарен судијата нареди и ѝ обесија камен на вратот, па ја фрлија во морските длабочини. Но Ангелите Божји ја изнесоа жива на брегот. Кога повторно му се јави на судијата, овој нареди да ја убијат со меч. Следната ноќ, Теодосија им се јави на нејзините родители сета во величествен небесен сјај, опкружена со многу други спасени девојки и им рече: „Гледате колкава е славата и благодатта на мојот Христос од Когошто сакавте да ме лишите?“ А ова им го рече на родителите зашто ја одвраќаа од исповедањето и мачеништвото за Христа. Чесно пострада и се прослави во 308 година.

Преподобната маченичка Теодосија

Родена по молитвите на мајка ѝ кон Светата маченичка Анастасија, којашто ѝ се јави и извести за раѓањето на овој предизбран сад на благодатта Христова. Родителите сами ја посветија на Бога и рано ја дадоа во женски манастир. По нивната смрт од огромниот имот кај златар таа нарача три икони: на Спасителот, на Пресвета Богородица и на Света Анастасија, а другото им го раздаде на сиромасите. Пострада за време на злобниот Лав Исавријанин, иконогонител. Прими двоен венец: на девственост и на мачеништво. Пострада во 730 година.

Свети Александар, епископ Александриски

Прв поведе борба против Ариј. Се упокои во 326 година.

Светиот маченик Нан (Јован) Солунски

Пострада за верата од Турците во 1802 година во Смирна.

Падот на Цариград

Заради човечките гревови Бог допушти лута беда над престолнината на христијанството. На 29 мај 1453 година султанот Мухамед II го покори Цариград и го погуби царот Константин IX.