Несоборливиот аргумент на господин Иларион

Залудни се сите досега објавени обиди да се побие клучниот аргумент од беседата на г. Иларион; залудни ќе се и сите што допрва ќе бидат објавени против тој аргумент; како што, конечно, ќе останат залудни и сите текстови што воопшто може да се напишат против истиот тој непореклив аргумент. Неговиот аргумент е сосема едноставен: господин Иларион ја кажува вистината за животот и за смртта. Неговите критичари ја премолчуваат!

Животот е пред правото! Не е прво донесен законот за правото на абортусот, па потоа создаден човекот и неговиот капацитет да раѓа деца! Обратно е: пред сите човечки закони, создаден е животот. Законот регулира одредени услови под кои се дефинира и санкционира практиката на раѓањето и на одземањето живот во конкретна социјална ситуација во која живеат луѓето. Тоа да! И наедно: тоа е сè!

Самиот живот останува апсолутен феномен, кој, од една страна му претходи на секој човечки закон, а од другата, го трансцендира, го надминува бесконечно многу пати со самиот факт што законот останува апсолутно стерилна рамка неспособна да создаде и едно единствено дете! Законот не раѓа деца, ако може и да пресуди за нивното убивање!

Господин Иларион во својата беседа, направи нешто што на сите негови критичари им се измолкна или што тие намерно не сакаа да го видат, нешто што, веројатно, и самиот не го подвлече доволно силно и недвосмислено, конечно, нешто без кое ниту една пресуда не е валидна: тој прозборе од името на тие што самите не може да зборуваат! Тој јасно и со силен глас ја кажа нивната вистина: „Ние сме вашите деца кои вие ги убивате!“

Ја кажа вистината која ќе остане неизречена ако ние, кои можеме да зборуваме, не ја речеме! Актот на убивање луѓе, без оглед дали е тоа егзекуција на здрав и силен претставник на родот, осуден на смрт или е евтаназија на пациенти во кома, убивање луѓе со ментална, физиолошка или директно физичка хендикепираност – сеедно – останува целосно недвосмислено убивање на човечки суштества, без оглед што тие не можат да речат ништо во своја одбрана или што нивното продолжено живеење претставува огромен проблем за општеството и директно загрозување на нормалниот живот на нивните најблиски!

Ние можеме да се согласиме или да не се согласиме околу тоа дали е потребна правната регулација на условите во кои животот на возрасните има законски приоритет над животот на децата, односно, животот на родените над животот на неродените. Но апсолутно е залудно, бесмислено, илузорно, да тврдиме дека нивното елиминирање, колку и да е оправдано од гледиштето на возрасните, односно, на родените, не е чин на убивање на човечки суштества!

Аспектите на правно коректната и непротивречна дефиниција на доволните и нужни услови со кои едно суштество го опфаќаме со постојната легислатура и го признаваме за „човек“, навистина се интелектуално инспиративни и преполни финеси што овозможуваат бравурозни досетки и ингениозни решенија. Но, сите заедно, тие не значат апсолутно ништо за основниот факт според кој породот на мажот и на жената е човек! Со или без големи аномалии, роден во деветтиот, осмиот или абортиран во четвртиот, во вториот месец, или во првиот ден по зачнувањето!

little-one

Премногу е нечовечно да се зборува (особено: да се замисли!) колку е целиот чин на абортусот непорекливо ужасен – од одлуката на родителите да го нарачаат и извршат убиството на сопственото дете, до барање соодветен доволно стручен и професионално проверен извршител/лекарот/платениот убиец – но мора да се знае дека самиот чин е токму тоа и ништо друго!

Животот на мајката може да е загрозен, и може да е, објективно, апсолутно поцелесообразно да се дозволи абортусот отколку да не се дозволи: исто така, мајката може да има други деца за кои ќе мора да се грижи или барем за кои никој друг нема подобро од неа да се грижи. Сето тоа не е спорно. Не е спорно ни дека самиот чин е најстрашната траума за мајката. Но не е спорно ни дека, кажано со бесчувствителниот коцкарски жаргон, влогот со кој се искупува сопствениот живот или животот на мајката и петте или осумте други деца – е жртвување на животот на нејзиното шесто или деветто дете, односно на нивната сестра или нивниот брат!

И токму тоа е поентата на беседата на г. Иларион: абортусот не е чин на „чистење“ од некаква инфекција, не е ослободување од несакани проблеми, не е никакво право на жена врз сопственото тело, бидејќи телото во неа не е нејзиното тело, туку е тело на друго човечко суштество! – директно и недвосмислено, тоа е чин на убивање човечко суштество, односно, на сопственото дете! Гласајте за или против законот за абортусот, но имајте доволно доблест да признаете дека гласате за или против убивање сопствени деца.

Колку повеќе е непопуларно да се брани некој кого сите го напаѓаат, толку е поголема моралната обврска да го браниме, ако тој со своите ставови го застапува правото на тие што самите не можат да се бранат!

Беседата на г. Иларион, без оглед на преголемата доза моралистички патернализам, во основа го прави токму тоа!

Ферид Мухиќ